Одличен настап на СОНКАЛ-Мислешево на меѓународниот турнир „Гран при 2026“ во БиХ
Клубот СОНКАЛ од Мислешево, Струга, оствари забележителен успех на престижниот меѓународен турнир во традиционално таеквон-до „Гран при 2026“, кој се одржа во Зворник, Босна и Херцеговина.
Во силна конкуренција од повеќе од 350 натпреварувачи од десет европски земји, Македонската Традиционална Таеквон-до Федерација освои вкупно 17 медали, а значаен придонес во овој успех дадоа и младите натпреварувачи од клубот СОНКАЛ-Мислешево.
Клубот се врати дома со вкупно четири медали – три сребрени и еден бронзен.
Најуспешен меѓу претставниците на клубот беше Кристијан Гагалески, кој освои сребрен медал во спаринг борби во категоријата деца од 8 до 10 години до 30 килограми, а се закити и со бронзен медал во дисциплината форми за жолт виш појас.
Сребрен медал освои и Павел Ѓикоски во спаринг борби до 45 килограми, додека Максим Шулески се искачи на второто место во дисциплината форми за жолт појас.
Од клубот изразија задоволство од постигнатите резултати, истакнувајќи дека освоените медали се потврда за напорната работа, посветеноста и континуираниот развој на младите спортисти.
Успехот на СОНКАЛ-Мислешево уште еднаш го потврдува квалитетот на струшката таеквон-до школа и потенцијалот на младите натпреварувачи да се носат со најдобрите на меѓународната сцена.
StrugaOnline

