Струга се подготвува за туристичката сезона со нови мерки за сообраќај, безбедност и ред во градот
Во пресрет на летната туристичка сезона, Општина Струга ги интензивира подготовките за периодот кога градот традиционално бележи најголем број домашни и странски посетители. На координативна средба предводена од градоначалникот Менди Ќура, заедно со претставници на општинската администрација, јавните претпријатија, инспекциските служби, полицијата и противпожарната единица, беа разгледани клучните предизвици и мерки за подобрување на условите во градот.
Фокусот на состанокот бил ставен на сообраќајниот режим, безбедноста, паркирањето, функционирањето на угостителските објекти, како и решавањето на проблемите со бездомните кучиња и питачењето.
Меѓу приоритетните активности е поставувањето нова сообраќајна сигнализација и семафори на две локации во градот. Од полицијата биле посочени и најкритичните сообраќајни точки, меѓу кои раскрсницата на улиците „Ристо Крле“ и „Боро Калајџиески“, излезот од градот кон Велешта и улицата „Партизанска“.
Како долгорочно решение за растоварување на сообраќајот бил презентиран проект за изградба на нова сообраќајница што ќе ја поврзе Струга со Мороишта и околните населени места.
Во насока на подобрување на редот во туристичките зони, Општината најавува затворање на нелегалните влезови и излези за моторни возила во плажните подрачја во соработка со ЈП „Еко“, како и засилени контроли против нелегалните пазари и нерегистрираните продажни места.
Прашањето за работното време на кафулињата и рестораните ќе биде разгледано на следната седница на Советот на Општина Струга. Од локалната самоуправа најавуваат флексибилен пристап со цел да се поддржи туристичкиот и угостителскиот сектор во текот на сезоната.
Дополнително, ќе се анализира можноста за набавка на современа опрема за регулирање на сообраќајот и отстранување на непрописно паркирани возила, како и поставување заштитни бариери на најоптоварените тротоари во близина на плажите.
Во делот на комуналните предизвици, беше соопштено дека проектот за изградба на прифатилиште за бездомни кучиња се наоѓа во завршна фаза. Во однос на питачењето, институциите најавија засилена координација со полицијата за спречување на организирани групи кои во текот на летната сезона доаѓаат во Струга.
Од Општина Струга порачаа дека целта е градот да ги дочека туристите подготвен, со подобра организација, поголема безбедност и поквалитетни услови за престој како за посетителите, така и за локалното население.
StrugaOnline

