Убедлива победа на пионерките на ЖРК Струга против екипата на ЖРК Кале М-К од Кичево
Пионерките на ЖРК Струга забележаа сигурна победа од 19:11 против екипата на ЖРК Кале М-К од Кичево, во рамки на 18. коло од Пионерската женска лига.
Натпреварот беше одигран во одлична атмосфера, а младите ракометарки од Струга доминираа на теренот уште од самиот почеток. На полувреме заминаа со предност од 11:3, што беше јасен показател за нивната борбеност и организирана игра.
Во второто полувреме гостинките се обидоа да го намалат резултатот, но стружанки успеаја да ја задржат контролата и рутински да го приведат натпреварот до крај.
Особено радува фактот што сите 16 девојчиња од составот на ЖРК Струга добија шанса за настап, ја искористија довербата и дадоа свој придонес во оваа значајна победа. Тимската игра, дисциплината и желбата за успех беа клучни фактори за триумфот.
Најефикасни во редовите на Струга беа Пејоска Леа со 5 погодоци, Крстановска Ива со 4 и Миса Миа со 3 гола, додека останатите ракометарки исто така се вградија во победата со својата игра на теренот.
Оваа победа е уште една потврда за квалитетната работа во клубот и потенцијалот на младите ракометарки, кои со вакви настапи ветуваат светла иднина за женскиот ракомет во Струга.
StrugaOnline

