Билтен на СВР Охрид- Кај охриѓанец пронајдена дрога, стружанец вршел јавен превоз без лиценца…

- Локални
240

На 15.04.2024 во 19.30 часот во Охрид, полициски службеници од СВР Охрид го лишија од слобода Н.М.(40) од Охрид. При извршен преглед, кај него е пронајдена и одземена бела прашкаста материја, додека при претрес во неговиот автомобил „Шкода“ биле пронајдени и одземени дигитална вага и метален грендер. Подоцна, со судска наредба, бил извршен претрес во неговиот дом, при што, пронајдени и одземени се предмети со остатоци од марихуана, од кафеава материја и од бела прашкаста материја и други предмети за кои постои сомнение дека потекнуваат од кривично дело. Лицето беше задржано во полициска станица и по целосно документирање на настанот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

СВР Охрид поднесе кривична пријава против Н.П.(34) од Струга поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „вршење јавен превоз без поседување лиценца“. При контрола во сообраќајот, извршена на 02.04.2024 на булеварот „Туристичка“ во Охрид, полициските службеници го затекнале пријавениот, како со свое патничко возило „Форд“ со струшки регистарски ознаки врши јавен превоз на патници во внатрешниот сообраќај без да поседува лиценца за таа дејност издадена од надлежен државен орган.

СВР Охрид поднесе кривична пријава против М.А.(79), В.М.(60) и Ј.К.К.(58) и С.Т.(49), сите од Охрид, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „бесправно градење“. Тие, на катарстарска парцела во Охрид, спротивно од Законот за градење и без да поседуваат правосилно одобрение за градење издадено од надлежен Државен орган,  изградиле станбен објект.

Извор: СВР Охрид

Facebook Коментари