Бродарите ги добија протоколите за работа, СВР Охрид најави контроли на сите пловни објекти

- Локални
505

Со цел доследно почитување на одлуките и протоколите за работа на пловните објекти и примена на безбедносно-здравствените мерки за заштита на граѓаните од Ковид-19, во СВР Охрид вчера се одржа работна средба со сопственици и капетани на бродови во Охрид, на која присуствуваа и претставници на Полициската станица за граничен надзор „Охридско езеро“-Регионален центар Запад, претставници на Капетанија на пристаништа-Охрид и на Државниот пазарен инспекторат.

На сопствениците и капетаните на бродови посебно им беше укажана неопходноста од строго придржување до забраната за групирање на лица, носење на заштитни средства и користење на дезинфекциони средства  во пловните објекти кои се прикотвени на пристаништето или се во движење во водите на Охридското Езеро. Претставници од Одделението за превенција укажаа и на потребата од воведување на редарска служба што ќе се грижи за безбедноста при влез и за време на престојот на патници во бродот, како и редовно информирање преку разглас на патниците за неопходноста од придржување до препораките за носење на заштитна маска и држење на растојание за време на пловидбата.

На бродарите им беа презентирани протоколите за работа во делот за работа на угостителска дејност, со посебен акцент за гласна музика и им беше укажано за неопходната примена на мерките за безбедна пловидба и на другите одредби од Законот за внатрешна пловидба.  

Претставниците на СВР Охрид и на другите надлежни институции најавија континуирани  контроли на сите пловни објекти кои се прикотвени или пловат по Охридското Езеро.

Извор: СВР Охрид

фото: архива

Facebook Коментари