Изложба на Лида Шерафатманд и Милко Нестороски во рамките на СВП

- Локални
439

Од 28.08.2020 до 30.08.2020 од 11:00 – 19:00 часот, во рамките на овогодинешното издание на ,,Струшки вечери на поезијата“ во Пиано собата во хотел Дрим, ќе биде отворена изложбата на Лида Шерафатманд и Милко Нестороски.

„При влез на настаните во рамки на СВП, Ве молиме почитувајте ги пропишаните мерки. Носете маска, држете дистанца од 2 метри и дезинфицирајте ги рацете на влезот. Доколку не се придржувате кон мерките, не може физички да го следите фестивалот.
СВП се оградува од одговорност при потенцијален пренос на вирусот за време на фестивалот- на фестивалот доаѓате на своја одговорност.“ – се вели во соопштението за настанот.

ЛИДА ШЕРАФАТМАНД е повеќекратно наградувана меѓународна уметница. Родена во Иран во 1977, Лида има доживеано војна, револуција, прогонство, статус на бегалец, губиток на богатство и сиромаштија. Како резултат на тоа, таа си зема за одговорност да даде придонес кон општеството преку нејзината уметност. Сликите, статиите и песните на Лида се широко објавувани, вклучително и од страна на ООН, УНЕСКО, Амнести Интернешнл, голем број уметнички списанија и други институти. Едно од нејзините позначајни дела е Манифестот „Хуманитарна уметност“, преведено на седум јазици, кое било објавено во повеќе весници и публикации. Нејзините уметнички дела се цитирани и анализирани во академски дисертации за историја на уметност и списанија за општествени науки. Покрај тоа, Лида има добиено бројни награди; уметничка резиденција на Институтот за напредно студирање Ханс-Висеншхафтсолекг (Германија), Меѓународна награда за уметност во Милано 2017 (Италија), избрана е за член на жирито за уметнички натпревар Ван Гог во Кина и др.
Нејзините дела се прикажани во над 20 земји, и тоа на 60 колективни изложби, 25 самостојни изложби, и две официјални марки се отпечатени од нејзините слики во Лихтенштајн и Кина.
Како што е цитирано во интервју за „Гардијан“, нејзиното мотото е: „Колку повеќе слушам насилни вести, толку повеќе сликам нежни цвеќиња“.

МИЛКО НЕСТОРОСКИ е роден во Струга 1994 год. Основно и средно училиште (гимназија) завршил во Струга, по што се запишува на Факултетот за Ликовна Уметност во Скопје, отсек сликарство во класата на проф. Благоја Маневски. Дипломира во 2018 год. Од 2014 год. учествува на годишните изложби на уметници од Струга. До сега имал самостојни изложби во Струга и Скопје, учествувал на три групни изложби и две изложби од конкурсите на АМС. Организатор е и учесник на првата треш-колонија во земјава во склоп на фестивалот ДримОН, која резултира со изведба на перформанс. Учествува во групна изведба на инсталација во склоп на истиот фестивал како и во уште два други перформанси во Скопје.

Strugaonline

Facebook Коментари