Конструктивна средба во Струга: ЕУ амбасадорот Рокас со Советот на Општина Струга разговараше за клучните предизвици
Денеска во Струга се одржа значајна средба помеѓу амбасадорот на Европската Унија, Михалис Рокас, и членовите на Советот на Општина Струга, на која во фокусот беа актуелните прашања и предизвиците со кои се соочува општината.
На состанокот беа отворени теми од суштинско значење за локалниот развој, меѓу кои состојбите со водоснабдувањето, тековните и планираните инфраструктурни проекти, Коридор 8, како и статусот на регионот во рамки на УНЕСКО. Дополнително, се разговараше и за прашања поврзани со транспарентноста и отчетноста на институциите.
Дискусијата се одвиваше во конструктивен дух, со активно учество на советниците, а ја предводеше претседателот на Советот, Мите Стефоски.
Од Општина Струга оценуваат дека средбата претставува важен чекор кон продлабочување на дијалогот и размена на идеи насочени кон унапредување на локалните политики и поефикасно справување со предизвиците.
Воедно, од општината потенцираат дека остануваат посветени на принципите на транспарентност и отчетност, како и на градење партнерства кои ќе придонесат за одржлив развој и подобар квалитет на живот за граѓаните.
StrugaOnline

