Лев банер Десен банер

Млади таленти од Струга блеснаа на 11. издание на фестивалот „Полихимниа“

Меѓународниот фестивал „Полихимниа“ годинава по единаесетти пат ги обедини младите музички таленти од регионот и Европа, одржувајќи се во два термини: од 28 до 30 март, кога се реализираа натпреварите за гудачки инструменти и камерна музика, и од 2 до 5 април, со натпреварувачки денови посветени на пијано, дувачки инструменти, соло пеење и камерна музика.

Фестивалот традиционално привлекува ученици и студенти од Македонија, соседните земји и пошироко од Европа, потврдувајќи го својот меѓународен карактер и значење во афирмацијата на младите уметници.

Комисијата за дувачки инструменти беше составена од истакнати музички педагози и уметници: Ивана Дакич од Србија, Марко Гербус од Хрватска, Марија Ѓурѓевиќ од Црна Гора, Едвард Сарафјан од Бугарија и Бриџит Карох од Австрија.

Во дисциплината флејта, значаен успех постигнаа младите флејтистки од Струга, кои настапија под менторство на проф. м-р Светлана Богданоска Ристоски, со уметнички соработник м-р Таулант Колоња.

Флутурије Бајрами, ученичка во ООМУ – Струга, во категоријата родени 2012 година, освои Прва награда. Уште два значајни успеси забележаа Ера Зиба (категорија родени 2010) и Марија Дузлеска (категорија родени 2009), ученички во ДСМУ „Тодор Скаловски-Тетоец“ – Тетово, дисперзирани паралелки во Струга, кои исто така се закитија со Први награди во своите категории.

Овие резултати претставуваат уште една потврда за квалитетната музичка едукација и посветеноста на младите уметници од Струга, кои достојно ја претставуваат Македонија на меѓународната сцена.

StrugaOnline

error: