Лев банер Десен банер

Музичкиот спектакл „MUSICLAND“ со солисти од 20 држави овој четврток доаѓа во Струга

Струга ќе биде домаќин на музички спектакл кој ветува незаборавна летна вечер. На 20 август во Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ ќе се одржи 26. интернационален музички фестивал „MUSICLAND“ на кој интернационални солисти од 20 држави ќе настапат заедно со Битолскиот камерен оркестар „ДИВА“.

Концертот е закажан за 20 август 2026 година, со почеток во 19:30 часот, а оркестарот ќе настапи под диригентската палка на маестро Владимир Димовски.

Публиката ја очекува музичко патување низ некои од најпознатите светски хитови, обединети во една концертна програма која ќе ги спои различните музички епохи и жанрови. На програмата се најавени песни од познати филмови, мјузикли и кабаре, но и безвременски хитови од ерата на MTV од 80-тите и 90-тите години.

Посебно внимание привлекува интернационалниот карактер на настанот – на една сцена ќе се соединат гласови од 20 различни држави, придружувани од жив оркестарски звук.

Организаторите го најавуваат „MUSICLAND“ не само како концерт, туку како вистинско музичко доживување во кое публиката ќе има можност повторно да ги слушне големите светски хитови во симфониски аранжмани.

„Една сцена. Еден оркестар. Гласови од 20 држави. Незаборавна вечер!“ – е пораката со која се повикува публиката да биде дел од настанот.

Билетите по цена од 300 денари можат да се купат во просториите на Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ во Струга.

„Не дозволувајте да ви ја раскажуваат оваа вечер – доживејте ја!“ – порачуваат организаторите, најавувајќи концерт кој има амбиција да го претвори августовскиот ден во голема музичка вечер.

StrugaOnline

error: