По седми пат „Весламе за ретките“: Спортско-хуман маратон од Струга до Охрид во поддршка на лицата со ретки болести
На 23 август ќе се одржи седмото издание на спортско-хуманитарниот маратон „Весламе за ретките“, настан кој низ годините прерасна во препознатлива иницијатива за поддршка на лицата со ретки болести и промоција на солидарноста, спортот и заедништвото.
Организатори на маратонот се Спортскиот клуб „Соларис“, Хотел Боград, Здружението за спорт и параспорт „И ЈАС МОЖАМ“, Ретки болести Охрид и Веслачката федерација на Република Македонија.
Стартот е закажан за 08:00 часот од Машка Плажа во Струга, а учесниците ќе веслаат до Охридското пристаниште, каде пристигнувањето е планирано околу 12:00 часот.
Во изминатите години, „Весламе за ретките“ се етаблира како повеќе од спортски настан. Организаторите велат дека маратонот претставува мост меѓу Струга и Охрид, симбол на заедништвото на сите заедници што живеат во регионот и силна порака дека со заеднички сили може да се даде поддршка на лицата со ретки болести и нивните семејства.
Годинава маратонот е поддржан од Општина Струга, а од минатата година е и дел од програмата на Ohrid Water Festival, што дополнително придонесува за неговата препознатливост и значење.
За првпат, организаторите ја отвораат можноста на настанот да се приклучат и сите заинтересирани граѓани. За учесниците ќе бидат обезбедени кајаци и весла, а единствен предуслов е желбата да се биде дел од една спортска и хумана мисија.
Поради ограничениот број на места, организаторите ги повикуваат сите заинтересирани навреме да се пријават и да станат дел од оваа иницијатива.
„Да весламе заедно. Да покажеме дека солидарноста нема граници. Да весламе за ретките“, порачуваат организаторите, упатувајќи покана до сите љубители на спортот, рекреацијата и хуманоста да бидат дел од овогодинешниот маратон.
StrugaOnline

