Со богата програма ООУ ,,Јосип Броз Тито“ денеска ќе прослави 60 години постоење

- Локални
282

Под мотото ,,Во иднината вложуваме, иднината ја градиме, иднината се нашите деца“, денеска ќе бидат одбележани 60 години од постоењето на ООУ ,,Јосип Броз Тито“-Струга.

На настанот што ќе се одржи вечерва во 19:00 часот во Центарот за култура ,,Браќа Миладиновци“, со музички точки ќе настапат учениците од прво до деветто одделение, а публиката на сцена ќе ги види и 80-те првачиња кои од септември за прв пат ќе седнат во училишните клупи.

,,Во рамки на програмата, ќе настапат и Студиото за танц ,,БАХ“ и КУД ,,Илинден“ каде членуваат и наши ученици. Денешниот ден е ден на нашето училиште и среќни сме што славиме толку голем јубилеј. На овој настан ќе зборувам за основањето и успесите на училиштето низ годиниве, а посебно сум среќна што на сцена ќе излезат и првачињата.“-изјави за Strugaonline Дејана Чакар, директор на ООУ ,,Јосип Броз Тито“.

Таа додаде дека благодарници ќе добијат учениците кои оваа учебна година освоија награди на државни натпревари.

ООУ Јосип Броз Тито е формирано во учебната 1964/65 година со решение на Собранието на Општина Струга како основно осумгодишно училиште со подрачни училишта во Мислешево и Враништа. Од учебната 1984/1985 година училиштето преминува во работна организација, а од  учебната 1998/99 година повторно е формирано како основно училиште.

Strugaonline

Facebook Коментари