„Вечер на Живко Чинго“ на 13 август во Велгошти
Творештвото и книжевното наследство на големиот македонски писател Живко Чинго повторно ќе бидат во фокусот на традиционалната културна манифестација „Вечер на Живко Чинго“, која ќе се одржи утре во Велгошти.
Настанот ќе се одржи во 20 часот во амбиентот на црквата „Св. Петка“, каде под отворено небо ќе се чествува ликот и делото на еден од најзначајните македонски писатели.
Програмата предвидува полагање цвеќе пред спомен-обележјето на Живко Чинго, обраќање на претставник на Општина Охрид, како и доделување на наградата за најдобар расказ. По доделувањето, предвидено е кратко обраќање на добитникот на наградата, д-р Марјан Патлиџанковски.
Во рамките на манифестацијата ќе биде одржана и беседа за Живко Чинго од страна на академик Катица Ќулавкова.
Културно-уметничката програма ќе биде збогатена со проектот „Македониум“, во кој ќе настапат музичари и уметници: Бојан Маркоски – хармоника, Стефан Чеменковски – кларинет, Гоко Чеменковски – вокал, Владимир Србиновски – пијано, Виктор Србиновски – виолина, Ристе Довлев – виолина, Величе Затуроски – клавир, Димитар Трпеновски – кајон, како и рецитаторите Софија и Виктор Милески.
Свое учество во програмата ќе има и КУД „Илинден“ – Велгошти, со што традиционалната манифестација ќе добие дополнителен фолклорен и уметнички карактер.
„Вечер на Живко Чинго“ и годинава претставува можност публиката да се потсети на богатото творештво на авторот и да се продолжи традицијата на негување на неговото книжевно наследство.
Организаторите ги повикуваат љубителите на литературата, културата и уметноста да бидат дел од вечерта во Велгошти и заедно, под отворено небо, да ја продолжат приказната за Живко Чинго.
StrugaOnline

