Во сабота премиера на филмот „Образ“ во Паркот на поезијата во Струга
Струга на 15 август ќе биде во знакот на филмската уметност, со премиерното прикажување на филмот „Образ“, кандидат на Црна Гора за престижната награда „Оскар“ и остварување кое досега има освоено над 17 меѓународни награди.
Премиерата ќе се одржи со почеток во 20:00 часот во Паркот на поезијата во Струга, а особено значење на настанот му дава присуството на главниот актер Едон Ризваноли, кој потекнува од Струга.
Филмот е во режија на Никола Вукчевиќ, додека сценариото го потпишуваат Ана Вујадиновиќ и Мелина Пота Колевиќ.
„Образ“ носи силна и емотивна приказна за честа, гостопримството и хуманоста, сместена во периодот на Втората светска војна. Во центарот на приказната е Нур Дока, човек кој, и покрај притисоците и опасностите, одбива да го предаде православното дете кое било засолнето во неговиот дом.
Приказната, инспирирана од албанските корени и традиционалните вредности на честа и бесата – дадениот збор и заветот, испраќа универзална порака за човечноста, храброста и почитувањето на другиот, без оглед на неговата вера или потекло.
Меѓународниот успех на филмот, потврден со повеќе од 17 освоени награди, дополнително го истакнува неговото значење на европската филмска сцена.
StrugaOnline

