16 новозаболени од коронавирус во Македонија, две лица од Скопје починаа

- Македонија
827

Две нови жртви од коронавирусот во Македонија. Министерот Филипче на денешната прес-конференција информираше дека станува збор за две лица од Скопје, на возраст од 91 и 31 година.

– 31-годишниот скопјанец беше со тешка клиничка слика, во текот на вчерашниот ден беше интубиран и поставен на респираторна машина, но денеска почина. Во текот на изминативе 24 часа има 16 новозаболени пациенти, со шта вкупната бројка се искачи на 257 лица. Двајца пациенти имаат негативни тестови, а утре ќе им бидат направени втори тестови на уште 5 лица. Се очекува деновиве на домашно лекување да бидат пуштени 7 лица, објави министерот Филипче.

Инаку, бројот на новозаболени лица од КОВИД 19 во земјава е 16, што значи дека вкупниот број достигна 257 лица.

Филипче потенцираше дека сите граѓани треба да бидат свесни дека бројката на заболени ќе расте.

– Пандемијата во светот не стивнува, постојано расте. И во Македонија бројката постојано расте. Добро е што бројот на случаи се зголемува линеарно, односно секој ден имаме приближно ист број на случаи, со кој здравствениот систем може да се справи. Влегуваме во вториот месец од борбата, која целосно ни ги промени животите. Пред нас е најтешниот период, во кој бројот на заболени ќе расте. Ќе расте и бројот на починати, за тоа мораме да бидеме свесни. Денеска имаме и починат млад човек, што значи дека вирусот е сериозна закана. Ние мораме сериозно да се однесуваме, затоа упатувам апел да се однесуваме претпазливо и одговорно, зашто успехот зависи од секој од нас, рече Филипче.

Филипче на денешната прес-конференција информираше дека директорката на болницата во Охрид, д-р Славица Малеска Стојадиновиќ утре ќе биде разрешена, бидејќи пациентката од Струга која почина вчера од Коронавирус не била хоспитализирана.На увид во болницата се инспектори од Здравствениот и санитарен инспекторат, се работи на тоа каква била улогата на другите лица инволвирани во целиот процес.

Strugaonline

 

Facebook Коментари