Божидар Божиновски: Хуморот е најдобар начин за справување со општествените проблеми што не’ мачат

Во денешното „Play cafe “ на Плеј радио,  го вклучивме Божидар Божиновски, или ако повеќе сакате Моџо Килингтон. Освен што е најпопуларен твитерџија и омилен лик на социјалните мрежи воопшто, малкумина знаат дека по професија е политиколог . Знае да биде и поет , a тоа најдобро го покажа во неговата збирка поезија ,,Аутопсија на љубовта,“, неодамна промовираше и роман насловен како ,,Денот кога не се разбудив”. Сценарист e и косценарист во познатиот Тв проект „Фчерашни новости“.

Play radio: Добриот хуморот е прва асоцијација за Вас како личност, но, со ,,Аутопсија на љубовта“ запознавме една Ваша интимно-уметничка страна во својата најсофистицирана смисла. Некако читателите ги фативте неподготвени. Велите дека со ,,Аутопсија на љубовта“ ја изгубивте невиноста во поезијата, а од друга страна во Вашите стихови се насетува поетска зрелост. Како се споивте со поезијата и какви се реакциите на читателите?

Божидар Божиновски: Инспирацијата за поезија доаѓа како бран, прашањето е само дали ќе биде напишана или не. Песната во секој случај останува во тебе. Со оглед на тоа дека имав инспирација, за релативно брзо време се напишани песните што се најдоа во ,,Аутопсија на љубовта.“ Читалите се задоволни иако беа изненадени бидејќи очекуваа да биде нешто слично на она што го пишувам на социјалните мрежи. За жал социјалните мрежи се многу помоќни и имаат поголемо влијание, на луѓето им е многу полесно да читаат статуси отколку да прочитаат книга. Поезијата во последно време е девалвирана како уметност.

Play radio: Приказната со литературата не заврши тука, неодамна го промовиравте романот ,,Денот кога не се разбудив“. Од каде инспирација за педесет-годишен главен лик кој си го гледа животот како филм кога ангелот доаѓа по него. Што Ве предизвика да направите спој помеѓу преиспитување одлуки во животот, љубовта и смртта?

Божидар Божиновски: Бидејќи се чувствувам како да имам деведесет години, па ова му доаѓа како опишување на криза на средни години. Сите ние цело време ги преиспитуваме одлуките што сме ги донеле во животот и доаѓаме до години кога е доцна да се смени нешто, а со смртта сосема престанува можноста за промена. Во книгата ги обработив тие проблеми бидејќи ги има секој човек. Имаше едно интересно истражување спроведено во Италија, испитаници биле луѓе со терминален карцином и биле прашани за што жалат во животот. Најголем дел од нив жалеле за работите што не ги направиле и за шансите што ги пропуштиле. Никој од нив не жали за работите што ги направил. Мислам дека пропуштените шанси во животот се поголемо каење од она каење кое би постоело ако нешто згрешиме, иако во животот и не постојат грешки. Тоа се сплет на околности кои се случиле како дел од животот.

Play radio: Сосема друга приказна е Вашата работа како сценарист за „Фчерашни новости“ , од самите почетоци на овој проект до денес, реакциите на публиката се одлични. Се учи ли погодувањето на суштината за сериозни теми на хумуристичен начин или човек така се раѓа?

Божидар Божиновски: Кај мене е тоа генетски, татко ми е таков лик кога станува збор за хуморот. Неможноста да се справам со реалните општествени проблеми што сите не’ мачат направи да најдам комичен начин за да ги кажам, а луѓето повеќе сакаат да слушаат петнаесет минути хумор отколку да читаат четристотини и триесет страници сериозна политичка анализа со фусноти. Има теми кои некогаш прават да се почувствува доза на гнев и бес, на пример кога темата е сиромаштија или неправда, но во суштина најлесно се изразувам преку хумор.

Play radio: Во земјава има доволно случувања кои сега Ви служат како инспирација за нови сценарија и нови епизоди, тоа секогаш го правите вкусно, смешно, ненавредливо, но имало ли обиди за цензура и дали Ви се случило Вие себе да се цензурирате?

Божидар Божиновски: Досега немало никакви обиди за цензура, ниту пак некогаш сум бил под автоцензура. Автоцензурата не ми е јака страна. На мое изненадување, се нема случано да се јави некој политичар да каже дека е навреден. Од ниту една партија немало ниту закани ниту негодувања.

Play radio: Значи ли тоа дека дури и политичарите успеавте да ги научите да се смеат на своја сметка?

Божидар Божиновски: Мене ми е незгодно што нема закани, се закануваат за глупости, а за сценаријава ништо. Или научија да се смеат на своја сметка или воопшто не допираме до нив. Мислам дека не ги допираме. Тешко допира нешто до политичарите, ако допираше нештата ќе беа многу поинакви.

Play radio: На социјалните мрежи си дозволувате послободен речник и истиот е прифатен од јавноста. Секогаш ја засмејувате публиката, кажувате се’ што многумина мислат, ама не си дозволуваат да напишат, но , што Ве засмејува Вас?

Божидар Божиновски: Не го сфаќам животот како нешто смешно. ,,Најголема тага е да се родиш“ вели  еден романскиот филозоф. Звучи смешно, но смешно ми е кога куче ќе кивне по улица, кога ќе се затресе целото, тоа ми буди радост.

Play radio: Зарем не Ве радуваат реакциите на сите што Ве следат на социјалните мрежи? Знаете ли дека засмејувате и расположувате секојдневно, една цела нација?

Божидар Божиновски: Мило ми е ако некому му го разубавувам денот, посебно за време на карантинот добивав такви пораки многу често. Мило ми е секако, но има и други луѓе кои имаат смисла за хумор но не си дозволуваат да пишуваат на социјалните мрежи. Затоа, прво треба да ги блокирате сите роднини, па после пишувајте се’ што сакате. Роднините се поголеми цензори дури и до влада, поголеми и од партија. Јас ги имам блокирано сите роднини до трето колено.

Извор: Play radio

Strugaonline

 

 

Facebook Коментари