Денес се празнува Св. Климент Охридски Чудотворец и Св. Пантелејмон

- Македонија
340

На 9 август (нс.) се празнува споменот на св. Климент Охридски кој е упокоен на овој ден 916 година. Исто така, на овој ден се празнува и споменот на светите Седмочисленици. На овој ден Светата православна црква го празнува и споменот на големиот исцелител свети Пантелејмон.

Именден празнуваат: Пантелеј, Панде, Пано, Панка, Панто, Панчо…

Големиот македонски и сесловенски просветител свети Климент Охридски Чудотворец починал на денешен ден 916 година. Но бидејќи тој и за време на својот живот именденот го празнувал на 8 декември (25 ноември с.с.) на празникот на Св. свештеномаченик Климент епископ Римски, подоцна неговиот главен празник бил поместен на овој датум, а на денешен ден се празнувал заедничкиот спомен на седумтемина рамноапостолни словенски светители познати како свети Седмочисленици (св. Кирил, Методиј, Климент, Наум, Сава, Горазд и Ангелариј). Св. Климент Охридски Чудотворец е најпознатиот ученик на светите браќа Кирил и Методиј, последен од нив починал и поради тоа денот на неговото упокојување бил земен за нивни заеднички празник.

Светиот великомаченик Пантелејмон спаѓа меѓу најпознатите исцелители што лечеле со Божја помош. Настрадал за време на царот Максимилијан кога е вршен страшен прогон на христијаните. Роден е во Никомидија во областа Витанија во Мала Азија. Најпрвин се викал Пантелеон, што значи „лав во сè“, а подоцна бил наречен Пантелејмон што значи „семилостив“. Татко му бил паганин, а мајка му христијанка, којашто од мал го воспитувала во христијански дух. Но таа умрела додека тој бил мал, а татко му го дал да го изучува лекарскиот занает кај познатиот лекар Евстрогиј кој го лекувал и царското семејство. Така младиот Пантелејмон се стекнал со симпатии и од царот Максимилијан кој од учителот барал да не го жали трудот кога се работи за образованието на младиот ученик. Така Пантелејмон со многу желба од своја страна, но и со внимание од страна на познатиот лекар го изучувал лекарскиот занает, се стекнал со многу симпатии и од пошироката средина и бргу напредувал во медицинските науки.

StrugaOnline

Facebook Коментари