Денеска се празнува Свети Наум Охридски Чудотворец

- Македонија
234

Свети Наум му беше најблизок соработник на божествениот Климент, а и на светите браќа Кирил и Методиј. Со последниве тој беше заедно во нивната мисија во Моравија. Потоа некое време престојуваше во престолнината на Бугарија, Плиска, а најпосле дојде да биде учител во охридско, во времето кога Климент стана епископ. Потоа тој основа манастир на Охридско езеро, денешниот Свети Наум, каде ги помина последните 10 години од животот. Мирно се успокои во Господа, како монах, во 910 година. Тој до денес не престанува да чудотвори. Посебно е познат како исцелител на душевно болни. Затоа кај нас особено лекарите-психијатри го имаат за свој заштитник.

Преподобниот Наум Охридски – Чудотворец има два празника, едниот е во зимскиопт период и се празнува на 5 јануари/23 декември, а другиот во летниот период на 3 јули/20 јуни. Поради тоа што во зимскиот период одењето на манастир било отежнато поради временските услови, а и поради тоа што празникот е непосредно пред големиот празник Рождество Христово – Божик кога верниците се подготвуваат да го празнуваат Рождеството Христово со одлука на Светиот синод е решено празнувањето да се префрли на овој термин.

За животот и дејноста на свети Наум Охридски малку се знае, иако со свети Климент Охридски се најпознатите и најзначајни ученици на светите браќа Кирил и Методиј. Се знае дека учествувал во Моравската мисија, дека во Рим, кон крајот на 867 или почетокот на 868, бил посветен во духовен сан и дека по смртта на Методиј во 885 година преку Бугарија дошол во Македонија. На брегот на Охридското Езеро изградил манастир што го носи неговото име. Умрел во 910 година и наскоро по смртта бил прогласен за светец. Неговите ученици за него напишале житија и служба.

Во житието на свети Наум се вели дека тој е брат на свети Климента. Некои истражувачи сметаат дека тоа се однесува на брат во духовна смисла – собрат, но повеќемина се убедени дека Климент и Наум навистина биле родени браќа. Не само затоа што свети Климент бил епископ, а свети Наум презвитер, а во православието епископ и презвитер никогаш не се нарекувале браќа, туку и поради некои други показатели.
За чудотворната моќ на светителот многу се пишува. Култот на св. Наум најповеќе е одразен во преданијата раскажувани на овој простор од најстари времиња, значи, уште од времето кога светителот бил жив. Сепак, тие се бележени од средината на деветнаесеттиот век па сè до денес. Најрано ги среќаваме во зборниците на браќата Миладиновци, и Кузман Шапкарев, а подоцна и кај други собирачи на македонски народни умотворби, патеписци, или едноставно кај луѓе што престојувале или пишувале за Охрид и Охридско и посебно за манастирот кој со својата местоположба и со култот на светителот го привлекувал вниманието.

Facebook Коментари