Ќе се отворат студентските и ученичките домови, ќе се намали капацитетот за сместување

- Македонија
67

Владата на Република Северна Македонија на 5-тата  седница ја прифати  препораката на Комисијата за заразни болести во врска со отворањето на студентските и средношколските ученички домови според која тие треба да бидат отворени со почитување на Протоколите за сместување со дополнување дека во една двокреветна соба може да биде сместено само едно лице, а во соба со над два кревета може да бидат сместени максимум две лица.

Во оваа насока, на оваа 5-та седница, на предлог на Министерството за образование и наука, Владата до Собранието ќе достави Предлог – закон за дополнување на Законот за студентскиот стандард и Предлог – закон за дополнување на Законот за ученичкиот стандард.

Со измените содржани во овие предлог закони, се уредува дека во услови на вонредни околности (утврдено постоење на кризна состојба, прогласена епидемија, односно пандемија, пожари, поплави или други големи природни непогоди), на студентите и на учениците кои конкурирале на конкурсот за сместување во студентските и ученичките домови, и на кои им се одобрени барањата за сместување, но заради намалениот број на сместувачки легла не може да се сместат во студентски дом, да им се исплаќа месечна сума на средства за покривање на трошоците за приватно сместување, односно месечна сума на средства за покривање на трошоците за превоз од местото на живеење до местото во кое се одвиваат студиите, за чија висина одлучува Владата на Република Северна Македонија.

Студентите и учениците ќе се пријавуваат на интернет платформата www.digitalizirajse.mon.gov.mk, за да ги внесат потребните податоци и докази, по што ќе им се исплаќаат средствата за времетраењето на предвидено со овие измени.

Се оценува дека заради намалениот капацитет на користење на сместувачки легла во студентските домови, приватно сместување или превоз од местото на живеење до местото во кое се одвиваат студиите ќе користат 884 студенти и 347 ученици.

На оваа своја седница Владата ја прифати препораката на Комисијата за заразни болести, која, по укажувањата на Министерството за образование и наука (МОН) за потешкотиите со кои се соочуваат децата со посебни образовни потреби во следење на онлајн настава, одобри наставата со физичко присуство на овие деца да се реализира со мал број на деца во различни смени, со целосно почитување на Протоколите дадени од МОН, а училиштата кои имаат интернатско сместување да ги опфатат само своите ученици, при што во една двокреветна соба може да биде сместено само едно лице, а во соба со над два кревета може да бидат сместени максимум две лица.

На денешната седница на Владата е усвоен и Извештајот за работата на Комисијата за разгледување на поднесени барања од страна на основачот на училиштето за организирање на настава со физичко присуство, за период од 2.09.2020 година до 14.09.2020 година.

Комисијата предлага согласност за настава со физичко присуство да добијат 169 училишта од кои: 6 државни училишта за деца со посебни образовни потреби, 1 приватно средно училиште со одобрение за експериментална настава во основно образование, 15 централни општински основни училишта, 147 подрачни основни училишта. А не исполнуваат услови 32 централни општински основни училишта, 11 подрачни основни училишта и 2 приватни училишта.

Според извештајот, за организирање настава со физичко присуство во средните училишта биле доставени вкупно 66 барања, од кои Комисијата предлага согласност да добијат 4 училишта од кои: 2 државни училишта за деца со посебни образовни потреби, 1 приватно средно училиште, 1 општинско средно училиште. Делумна согласност за реализација само на стручните предмети и практичната настава да добијат 10 училишта (5 уметнички, 4 општински училишта и 1 државно училиште – Спортска академија).

На предлог на Комисијата за заразни болести денеска Владата ги усвои и Протоколот за работа на природните лекувалишта за услови на пандемија со КОВИД-19, како и Протоколот за работа на едукативните центри, музички училишта и центри/училишта за странски јазици во услови на епидемија со КОВИД-19.

Во однос на работата на кината, театрите, оперските претстави, балетските претстави, другите манифестации со филмски проекции, мултимедиумските проекти, фестивалите и други манифестации од дејноста на културата, Владата го прифати мислењето на Комисијата за заразни болести согласно кое за овие дејности ќе важи веќе донесениот Протокол за организирање на настани.

Facebook Коментари