Медикаментозниот абортус отсега достапен на скопската Клиника за гинекологија и акушерство

- Македонија
537

На Клиниката за гинекологија и акушерство во Скопје, од денеска на жените ќе им биде достапна и алтернативна метода  за прекин на бременоста, покрај веќе постојниот хируршки абортус.-информират од Асоцијацијата за здравствена едукација и истражувања ХЕРА.

На почетокот на годината, ХЕРА и Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство започнаа со спроведување на проект за медикаментозен абортус (абортус со лекови) со цел да се подобрат капацитетите на јавното здравство за обезбедување на оваа здравствена услуга.

-Заради својата едноставност и безбедност по здравјето на жените, медикаментозниот абортус сè почесто го заменува хируршкиот метод за прекин на бременоста, што се потврдува и со фактот дека со лекови се изведуваат дури 80% од абортусите во земјите во ЕУ. Исто така, во услови на пандемија, абортусот со лекови се смета за побезбедна опција за прекин на бременоста бидејќи ја сведува на минимум потребата од посета на здравствените институции со што се намалува ризикот од изложеност на ковид-19.-инофрмираат од ХЕРА

Во рамките на проектот, со донација од Меѓународната федерација за планирано родителство, се реновира и опреми просторија на Клиниката која ќе се користи за информирање и советување на жените за медикаментозен абортус. Испечатени се информативни брошури за пациентките и спроведена е обука на медицинскиот кадар кој ќе им ја обезбедува услугата медикаментозен абортус на сите жени кои ќе ја одберат оваа опција.

На ваков начин, како што посочуваат од ХЕРА,  клиниката ќе воспостави модел на давање услуги за медикаментозен абортус, кој во иднина би можел да се реплицира и во другите државни болници. Сепак, како што велат,  недостигот на лековите на пазарот и недоволно обучениот медицински кадар сè уште претставуваат предизвик медикаментозниот абортус да биде достапен насекаде во нашата земја.

-Соработката помеѓу Клиниката и ХЕРА доаѓа по одлуката на Министерството за здравство да го одобри Клиничкото упатство за безбеден абортус (30 декември 2020 година) кое дава и медицински насоки за изведување на абортусот со лекови согласно стандардите на Светската здравствена организација. – додаваат од Асоцијацијата за здравствена едукација и истражувања.

Во рамките на Превентивната програма за здравјето на мајките и децата за 2021 година, Министерството обезбеди буџет од половина милион денари за набавка на лековите за медикаментозен абортус за Клиниката за гинекологија и акушерство.

Strugaonline

 

Facebook Коментари