Време – Oд четврток следува голема промена и значителен пад на температурите

- Македонија
505

До среда нашата територија ќе биде под влијание на натпросечно топла, стабилна и сува воздушна маса која продира од југ и истата ќе условува и понатаму стабилно, суво и сончево време со мала локална облачност. Температурите на воздухот ќе бидат над просекот и ќе се искачуваат во интервалот од 27 до 34 степени, додека во најтоплите предели од државава се очекува да се искачат до околу 36 степени.

Во среда доцна попладне и навечер облачноста ќе започне да се зголемува и ќе има услови за сосема слаб локален дожд. Веќе во четврток нашата држава ќе биде под влијание на влажен воздушен бран од северозапад кој ќе биде предизвикан од изразен студен фронт.

Токму ова ќе услови зголемена облачност проследена со повремени врнежи од дожд во поголем дел од државава кои локално ќе бидат поинтензивни. Не се исклучува можноста и за локален развој на нестабилна облачност проследена со појава на грмежи како и со засилување на ветерот во зоната на нестабилност.

Максималните дневни температури на воздухот во четврток ќе се искачуваат во интервалот од 22 до 30 степени, меѓутоа доцна попладнето и вечерта кон петок ќе започнат позначително да опаѓаат, па така до петок наутро ќе се спуштат во интервалот од 5 до 13 степени во најтоплите предели од државава.

За разлика од сегашните, температурите на воздухот до петок истите ќе се намалат за околу десет степени, понекаде дури и за повеќе и ќе бидат под просекот за овој период  од годината, односно ќе биде постудено од вообичаеното.

Подготви: Славчо Попоски

Facebook Коментари