Во Струга одбележани 82 години од смртта на Никола Незлобински

- Локални
1072

Со положување свежо цвеќе на вечното почивалиште на Никола Незлобински , претставници од струшкиот музеј што го носи неговото име и невладината организација ,,Каприкорн 2010“ одбележаа 82 години од смрттта Никола Незлобински, лекар кој во Струга пристигнал во 1924 година со цел да ја уништи маларијата и станал основоположник на првата здравствена институција во Струга. Како голем љубител на природата, се занимавал и со собирање и препарирање растителни и животински примероци развивајќи ја  и музејската дејност .

,,Незлобински е значајна личност за нашиот град и горди сме што денеска му оддадовме почит, по повод 82 години од неговата смрт. Денеска се потсетуваме дека во 1938 година, д-р Никола Незлобински покренал иницијатива за изградба на нова, посебна музејска зграда, за која самиот ги подготвил плановите, а тој го изготвил и ентериерното решение за експозицијата на музејската поставка. Така, во 1938 година, Музејот бил отворен за прием на посетителите. Во знак на благодарност кон човекот што го создал, организирал и промовирал, Музејот во Струга го доби неговото име и се нарекува НУ „д-р Никола Незлобински“. Преку оваа национална установа го продолжуваме и го славиме неговото дело“-изјави за Strugaonline Дарко Прензоски, директор на музејот.

Со обновување и осовременување на диорамата каде што е сместен најпознатиот експонат во музејот- мечката, денеска заврши и обуката од областа на препарирањето која ја реализираше претседателот на невладината организација ,,Каприкорн 2010“, Васко Јолески кој истовремено е и самостоен препаратор во музејот.

,,На оваа обука што ја реализирав изминатиов месец , учестуваа љубители на музејската дејност од сите возрасти. Имаа можност да научат како се изработува вештачка флора и фауна, како се  препарира, како се одржуваат и заштитуваат експонатите во музејот. Учесниците ќе добијат благодарници за учеството“-изјави Јолески.

Јолески и Прензоски информираа дека утре, кога се одбележува Светскиот ден на Музиети, влезот во струшкиот Музеј ,,Д-р Никола Незлобински“ е слободен за сите посетители.

Strugaonline

 

Facebook Коментари