Започнува манифестацијата „Прличеви Беседи“ во Охрид
Во рамки на манифестацијата „Прличеви беседи“, денеска во Охрид ќе се одржи свечена програма посветена на лауреатот на наградата „Григор Прличев“.
Настанот ќе започне во 11:45 часот со изложба на ликовни дела од колекцијата на НУ Центар за култура „Григор Прличев“ – Охрид, која ќе биде поставена во изложбениот салон.
Свеченоста ќе продолжи во 12:00 часот во малата сала на НУ Центар за култура „Григор Прличев“ – Охрид. Во програмата е предвиден настап на хорот при НУЦК „Григор Прличев“, со изведба на делото „1762 лето“, како и обраќања од претставници на Центарот за култура и Општина Охрид.
Во рамки на настанот ќе биде претставена и наградената поема „Темна кутија“, проследена со артистичка изведба, по што ќе следи врачување на Повелбата за најдобра поема за 2025 година. Свеченото обраќање ќе го има овогодишниот лауреат, поетот Братислав Ташковски.
Манифестацијата „Прличеви беседи“ и годинава го афирмира македонското литературно творештво и го негува споменот на големиот поет Григор Прличев.
StrugaOnline

