Претставници на Дебарско-кичевската и Охридско-струшката епархија во официјална посета на Општина Струга
Општина Струга ја потврдува својата определба за отворена и конструктивна соработка со сите општествени чинители кои придонесуваат за стабилноста, духовниот мир и развојот на заедницата. Локалната самоуправа истакнува дека партнерството и заедничката визија се клучни за напредокот на градот и подобар квалитет на живот за сите граѓани.
Градоначалникот нагласува дека останува отворен за сите кои искрено сакаат да дадат свој придонес во развојот на Струга – преку идеи, поддршка и активна соработка во интерес на заедницата.
Во тој дух, вчера во кабинетот на градоначалникот беа примени претставници на Дебарско-кичевската и Охридско-струшката епархија при Македонска православна црква – Охридска архиепископија, кои официјално му го честитаа мандатот и му посакаа успешна и просперитетна работа во периодот што следи.
На средбата присуствуваа Неговото Високопреосвештенство Георгиј, Митрополит Дебарско-кичевски и Охридско-струшки, протоереј-ставрофор Никола Христоски, секретар на епархијата, како и протоереј Васко Голабоски, архиерејски намесник при струшкото намесништво.
Средбата помина во дух на почит, добра волја и отворен разговор, со заедничка порака дека кога институциите и заедницата соработуваат, добиваат сите граѓани. Општина Струга останува посветена на градење партнерства што ќе придонесат за стабилност, меѓусебно разбирање и одржлив развој на градот.
StrugaOnline

