Ин мемориам: Почина струшката ракометна легенда Сашо Србиноски
Со голема тага спортската јавност во Струга и Македонија ја прими веста за ненадејната смрт на познатиот ракометен работник Сашо Србиноски, кој почина денеска во Струга на 61-годишна возраст.
Србиноски беше една од најпрепознатливите личности во струшкиот ракомет и човек чиј живот беше нераскинливо поврзан со РК Струга и со развојот на ракометот во градот. Како поранешен ракометар, тренер, спортски работник и претседател на клубот, тој остави длабока трага во македонскиот ракомет и инспирираше многу генерации млади спортисти.
Кариерата ја започна како ракометар во матичниот клуб РК Струга, а подоцна со години беше дел од стручниот штаб на клубот, работејќи како прв тренер и како тренер на младинските категории. Неговата посветеност кон младите ракометари и кон развојот на клубот беше препознатлива за сите што работеле со него.
Посебен белег Србиноски остави и во организацијата на Меѓународниот ракометен турнир во Струга, еден од најпознатите и најдолговечни ракометни турнири во регионот. Како директор на турнирот, тој беше дел од бројни организациски тимови и придонесе за неговото унапредување и за градењето на силни спортски пријателства со клубови од Македонија и од странство.
Србиноски беше вклучен и во развојот на ракометот на плажа во Македонија и беше прв селектор на македонската репрезентација во оваа дисциплина, со која учествуваше на големи европски натпреварувања.
Во текот на својата кариера важеше за човек со огромна љубов кон спортот, ентузијазам и силна посветеност кон ракометот. Неговата работа и придонес ќе останат трајно запаметени во историјата на струшкиот и македонскиот ракомет.
Со неговото заминување РК Струга, но и целиот македонски ракомет, загубија голем спортски работник, пријател и човек кој несебично го вложуваше своето време и енергија за развој на спортот.
До семејството, роднините и пријателите упатуваме искрено сочувство.
Нека му е вечна слава. Почивај во мир, Сале.
StrugaOnline

