Лев банер Десен банер

Излезе од печат монографијата „Вевчани – родови, потомци и судбини“ од Анастас Ќушкоски

Од печат излезе најновото капитално дело на Анастас Ќушкоски, монографијата „Вевчани – родови, потомци и судбини“, која претставува значаен придонес за историјата, традицијата и културното наследство на Вевчани.

Ова обемно издание, на повеќе од 200 страници, е збогатено со над стотина фотографии од различни временски периоди, при што најстарите датираат од пред повеќе од 120 години. Книгата е резултат на долгогодишна посветена работа, со податоци собирани повеќе од пет децении од различни извори – архиви, документи, родослови, записи, публикации и усни наративи.

Монографијата детално ги обработува родословијата на вевчанските семејства, поради што слободно може да се нарече „библија“ за одредени родови од Вевчани. Во неа се опфатени аспектите на доселувањата, миграциите, како и гаснењето на одредени семејни лози и презимиња.

Покрај историските податоци, делото ги прикажува и бројните лични и семејни судбини, ставајќи акцент на моралните вредности на поединецот, семејството и заедницата. На тој начин, локалната приказна добива пошироко, универзално значење, особено во контекст на македонската национална историја и идентитет.

Издавањето на книгата е реализирано со финансиска поддршка од Општина Вевчани и градоначалникот Спасе Кочовски, што претставува значајна поддршка за зачувување на локалното културно наследство.

Монографијата „Вевчани – родови, потомци и судбини“ е достапна за јавноста во Мултикултурниот центар „Коста Србакоски“, каде заинтересираните читатели можат да се запознаат со богатото минато и традиција на овој уникатен крај.

StrugaOnline

error: