Струга ја засилува борбата против корупцијата: иницијатива за поголема транспарентност и отчетност
Градоначалникот на Општина Струга, Менди Ќура, вчера оствари средба со Алберт Хани, директор на дипломатската мисија во Сараево – Регионална канцеларија за антикорупција, на која во фокусот беше зајакнувањето на борбата против корупцијата на локално ниво.
На состанокот се разговараше за конкретни чекори што општината може да ги преземе за унапредување на институционалните капацитети во превенцијата и справувањето со корупцијата, која се смета за еден од најголемите предизвици за транспарентно и ефикасно функционирање на јавните институции.
Посебен акцент беше ставен на воспоставување одржливи механизми што ќе придонесат за зголемување на транспарентноста, отчетноста и довербата на граѓаните во институциите.
Алберт Хани ја истакна својата подготвеност, преку професионалното искуство и институцијата што ја раководи, да ја поддржи Општина Струга во изработката на План за интегритет – клучен инструмент за спречување на корупцијата и зајакнување на доброто владеење.
Градоначалникот Менди Ќура нагласи дека општината останува цврсто определена да ги стави транспарентноста и отчетноста во центарот на своето работење, користејќи ги сите достапни механизми и иницијативи за унапредување на јавната администрација.
Оваа соработка претставува значаен чекор кон изградба на поефикасна, почиста и потранспарентна локална власт, во служба на граѓаните на Струга.
StrugaOnline

