Лев банер Десен банер

Ристе Миладин ја доби Наградата за животно дело „Петковиот аманет“ во областа на драмската уметност

Наградата „Петковиот аманет“ за животно дело за 2026 година, за посебен придонес во областа на драмската уметност, едногласно му е доделена на струшкиот драмски автор Ристе Миладин.

Одлуката ја донесоа Културниот центар „Бран“ од Струга, манифестацијата „Струшки книжевни средби“ и списанието „Бранувања“. Признанието му беше врачено на Миладин во рамки на 12. Меѓународна манифестација „Струшки книжевни средби 2026“, која се одржа на 20 септември во конгресната сала на хотел „Дрим“ во Струга.

„Постојат творци кои со своето дело не се само дел од времето во кое живеат, туку оставаат трајни траги во неговата културна меморија. Таков творец е Ристе Миладин од Струга“, истакна Димче Шипинкароски, организатор на манифестацијата.

За творештвото на годинашниот добитник говореше истакнатиот македонски поет, писател и публицист Мишо Китаноски, кој нагласи дека драматургијата е една од најсложените форми на творештво, бидејќи бара не само дарба за пишување, туку и длабоко разбирање на човекот, неговите дилеми, слабости, надежи и морални избори.

„Вистинскиот драмски збор не останува само на страницата – тој оживува на сцената и продолжува да живее во свеста на публиката“, истакна Китаноски.

Според него, Ристе Миладин со својот долгогодишен творечки ангажман дал значаен придонес во македонската драматургија, но и во културниот живот на Струга.

„Струга одамна не е само град покрај езеро. Таа е град на поезијата, културата и уметничкиот збор. Во таа богата традиција свое место има и творештвото на Ристе Миладин“, рече Китаноски.

Посебно беше истакнат и обемот на неговиот драмски ангажман – зад себе има 140 изведени премиерни претстави и повеќе од двојно повеќе репризи.

Китаноски му ја врачи наградата „Петковиот аманет“, признание кое Културниот центар „Бран“ и Меѓународната ревија „Бранувања“ го востановиле во чест и слава на Петко Шипинкаровски, оставајќи траен белег во македонската литература и култура.

Од организаторите посочија дека годинашното признание претставува благодарност за досегашниот творечки пат на Миладин, но и почит кон драмската уметност и кон авторите кои преку уметноста отвораат прашања што времето и секојдневието често ги премолчуваат.

„Честитки до Ристе Миладин за Наградата за животно дело за 2026 година. Нека неговото творештво продолжи да живее и да остава трага во македонската култура“, порача промоторот Мишо Китаноски.

Текст и фото: Стојан Кукунешоски

StrugaOnline

error: