Лев банер Десен банер

ЖКК Струга 2009 поразени во Гевгелија, следува „мајсторка“ за титулата

Екипата на ЖКК Струга 2009 доживеа пораз на гостувањето кај Гевгелија со резултат 75:60, во вториот натпревар од финалната серија.

Иако стружанките одиграа одлично прво полувреме и имаа водство, пресвртот се случи во третата четвртина кога домашниот тим направи клучна разлика. Натпреварот по четвртини заврши (11:08; 24:28; 26:06; 14:18).

Најефикасна во редовите на ЖКК Струга 2009 беше Зиба со 34 поени, Даути со 9, Хиса со 8, Муртезај со 7 и Незири со 2 поени.

Тренерот на Струга, Владимир Ѓоровиќ, по натпреварот истакна дека падот во играта во третата четвртина бил пресуден за конечниот исход.

„Одигравме одлично прво полувреме и имавме водство. Меѓутоа, преслабо физички влеговме во третата четвртина, направивме неколку лоши одлуки во напад и противникот создаде голема предност. Покажавме реакција во последната четвртина, но во првиот обид кога можевме да се вратиме промашивме пет слободни фрлања, а во вториот обид изгубивме три топки во аут“, изјави Ѓоровиќ.

Тој додаде дека тимот нема да се предаде и дека шансата за титула сè уште е жива.

„Нè очекува мајсторка во недела и ќе дадеме сè од себе. Немаме многу искуство, но не смее да ни недостига борбеноста, трчањето и максималниот ангажман“, порача тренерот Ѓоровиќ.

Одлучувачкиот натпревар ќе се одигра во недела, кога ќе биде познат шампионот.

StrugaOnline

error: