ЖКК Струга 2009 со убедлива победа над ГКК Охрид за чекор поблиску до плејофот
Во рамки на 12. коло од Втората лига за жени, екипата на Г.К.К. Охрид на домашен терен беше поразена од составот на Ж.К.К.Струга 2009 со резултат 26:46 (06:14; 06:14; 11:07; 03:11).
Стружанките уште од самиот почеток го наметнаа својот ритам и поведоа со 6:14 по првата четвртина, а идентична предност од осум поени обезбедија и во вториот период, заминувајќи на пауза со сигурна разлика. Во второто полувреме стружанките рутински ја одржуваа предноста, не дозволувајќи изненадување и заслужено стигнаа до нов триумф.
Најефикасни во нашиот тим беа Незири, Даути и Хиса со по 10 поени, Муртезаи постигна 9 поени, Таранеши додаде 3, додека Миладиноска и Стеблева реализираа по 2 поени.
Тренерот на Ж.К.К. Струга 2009, Владимир Ѓоровиќ, по натпреварот изјави:
„Честитки до моите кошаркарки, имаа контрола врз резултатот во текот на целиот натпревар. Одигравме дисциплинирано во одбраната и паметно во нападот, што ни овозможи уште од стартот да ја преземеме иницијативата и да ја задржиме до самиот крај.“
Тој додаде дека тимот е целосно фокусиран на завршницата од регуларниот дел од сезоната.
„Остануваат уште две кола до плејофот. Ни претстои гостување во Куманово, а на домашен терен ја пречекуваме екипата на Тим Арена. Се надевам дека до крајот на регуларниот дел ќе останеме непоразени и од втората позиција ќе го започнеме плејофот“, истакна Ѓоровиќ.
Со оваа победа, стружанки продолжуваат со одличните настапи сезонава и самоуверено чекорат кон разигрувањето за повисок пласман.
StrugaOnline

