Николина Велкоска: Мојата цел е постојано збогатување на културните содржини во Центарот за култура во Струга и враќање на стружани во кино-салата

- Локални
1021

Во денешното издание на емисијата „Play cafe“ што се емитува на програмата на Play radio, гостуваше директорката на Центар за култура „Браќа Миладиновци“-Струга, Г-ѓа Николина Велкоска. Со Велкоска разговаравме за одбележување на двата значајни јубилеи, шеесет години од основањето на Домот на култура во Струга и седумдесет и пет години постоење на Библиотека „Браќа Миладиновци“ во Струга, но и за идните предизвици и проекти кои следуваат се’ со цел Струга и понатаму да го задржи својот изворен епитет-лулка на културата и поезијата.

Play radio: Програмата по повод одбележувањето на овие два значајни јубилеии ќе започне утре , а истата вклучува изложби, промоции на книги и стручни публикации како и богата културно-уметничка програма. Да ги информираме стружани што се’ ќе имаат можност да видат во рамки на свеченостите?

Николина Велкоска: Струга е расадник на богати културни активности и плејада на културни дејци. На сето тоа ќе потсетиме следниве денови, кога се одбележуваат двата значајни јубилеии, шеесет години Дом на култура – Струга и седумдесет и пет години Библиотека „Браќа Миладиновци“ Струга. Започнуваме утре, 27-ми септември, во 11:00 часот со отворањето на  изложба на фотографии од историјата на Националната установа Центар за култура „Браќа Миладиновци“ . Потоа ќе следува Саемот на книгата како традиционален настан кој оваа година стана дел од одбележувањето на јубилеите, саемот ќе се одржи во Парк на Поезија и целосно е финансиски покриен од страна на Министерството за култура. Потоа следува промоција на книгата „Со знаење – до знаење“ од Мичо Јачев кој што многу пријатно не’ изненади со неговиот голем ентузијазам и желба да го збогати нашиот голем јубилеј. За таа цел, Јачев денеска ќе допатува од Виена, за да биде дел од одбележувањето. Во сабота, на 28-ми септември продолжуваме со активностите цо 17:00 часот, за кога е планирано полагање цвеќе на Спомен бистата на Димитрија и Константин Миладиновци бидејќи нашата установа го носи нивното име, а потоа, во Спомен домот на Браќата Миладиновци ќе се одржи промоција на книгата „Сага за Охрид“ од авторот Валентина Нелоска, книга во која се вткаени нитки и за нашата Струга, како и промоција на на стручната публикација „Библиографија на изданијата на Струшките вечери на поезијата (1967 – 2018)“ од страна на авторот и доајен на библиотекарството, не само во Струга туку и на ниво на Македонија,  Богомир Наумоски. На крај, во 19:00 часот, во големата сала на Центарот за култура, ќе се одржи културно уметничката програма на која ќе настапат сите здруженија кои творат во нашата установа.

Play radio: Настаните кои ги споменавте ќе соберат на едно место многу генерации, и оние кои се сеќаваат на самите почетоци на создавањето на овие две значајни установи, но тука ќе бидат и млади луѓе почитувачи на културата, пишаниот збор и уметноста. Да позборуваме за историјатот, која била првичната мисија и цел и како сето тоа изгледа денеска, после многу години?

Николина Велкоска: Народната-матична библиотека, како што тогаш се нарекувала е основана во далечната 1944 година, веднаш после ослободувањето на нашиот град. Низ годините го менувала местото во зависност од тогашните околности, за на крај богатиот книжевен фонд на општина Струга да биде сместен во денешниот Центар за култура „Браќа Миладиновци“. Тоа покажува дека и во тој дамнешен период, после втората светска војна, стружани биле подготвени да ја започнат, а потоа и да ја надоградуваат својата културна традиција која до ден денеска грижливо се негува. Центарот за култура е основан со решение во 1959 година како Дом на култура, низ годините, како што налагале условите дошло до фузирање на овие две установи и денеска функционираме како единствен Центар за култура во Струга. На утрешната изложба посетителите ќе имаат можност да видат фотографии за тоа каде се’ се наоѓале овие две установи, дел од тие згради за жал повеќе не постојат. Повозрасните генерации ќе можат да се потсетат на деновите кога ја граделе и како ја доживувале културата во Струга.

Play radio: Со струшкиот Центар за култура директорувате повеќе од една година, по професија сте дипломиран новинар и сте почитувач на културата и уметноста. Важно е тоа што Вашата првична професионална определба-новинарството е доста поврзана со она што денеска го работите.  Кои се Вашите цели и предизвици за периодот кој што следува?

Николина Велкоска: Како институција ние им должиме на граѓаните и на сите љубители на културата и на уметноста да ја збогатиме нашата програма со културни содржини. Во тој поглед и за таа цел, Министерството за култура ни е целосен партнер. Министерството ги финансира најголем дел од проектите, тука морам да ги споменам манифестациите „Фолк-мост“, традиционалниот мултиетнички фестивал за деца, потоа во меѓу-галериската дејност имаме бројни ликовни изложби , а во таа област соработуваме со Музеј „Д-р Никола Незлобински“и со останатите културни установи низ нашата држава. Настојуваме сите остварувања да ги прошириме и надвор од нашиот град заради збогатување на културната програма. Онолку колку што можеме, ги поддржуваме и сите здруженија кои се дел од нашиот Центар за култура и почестени сме што токму тие, на овој важен ден ни возратија со богата програма. Целта на моето доаѓање како директор во оваа Национална установа беше да се збогатат културните содржини, затоа остваруваме одлична комуникација со останатите Центри за култура во Македонија. Доказ за тоа дека соработката вроди со плод е тоа што вечерва, во предвечерјето на одбележување на јубилеите, стружани ќе имаат можност да го проследат драмското кабаре „Пијани“ во изведба на нашите гости од театарот од Битола. Потоа, на втори и трети октомври стружани ќе имаат можност да го проследат филмот „Медена земја“. На мојата генерација и недостасува преполна кино-сала, тоа е и нашата цел.

Извор и фото: Play radio

Strugaonline

 

Facebook Коментари