Од езеро до дизајн: LAKESCAPE ја претставува е-продавницата LENTO и новиот е-каталог
Во месец март, со промоција на е-продавницата LENTO и новиот е-каталог, се заокружува едногодишниот меѓународен проект LAKESCAPE – културна мрежа посветена на реставрација на големите европски езера: Ванерн во Шведска, Балатон во Унгарија и Охридското Езеро.
Во текот на изминатата година, преку крајезерски резиденции, стимулирање на дизајн на одржливи колекции и прототипирање на пловни маркети, партнерите во проектот – Трансверзал проект (Шведска), ИНКА (Северна Македонија) и Про Прогресионе (Унгарија) – заедно со 12 избрани креатори се обидоа да поттикнат понепосредна релација помеѓу луѓето и езерата. Во овој процес, езерото, покрај пејзаж и инспирација, беше и рамноправен соговорник во промислувањето на нови одржливи дизајни и иднини.
Секоја од дестинациите опфатени во проектот – Лидкопинг на езерото Ванерн, Барнаг во близина на Балатон и Струга на Охридското Езеро – беше и извор на инспирација и привремена креативна лабораторија. Токму таму дизајнерите стекнуваа директни искуства со локалните екосистеми, материјали, заедници и секојдневни реалности, истовремено отворајќи простор за размена, соработка и споделување на различни создавачки светови.
Во рамки на овие резиденции беа тестирани и првите пловни дизајн-маркети во Европа – настани што им овозможија и на креаторите и на локалната публика да ги доживеат крајезерските заедници како места на одржлива креација, иновација и нови форми на пазарна и културна размена. Преку овие експериментални формати, езерото беше поставено како активен учесник во културното и економското замислување на локалните иднини.
Во текот на проектот, 12-те стипендисти-креатори на LAKESCAPE изработија дизајнерски колекции кои, покрај нивната естетска, употребна и економска вредност, носат и силни пораки за свесно живеење и одговорен однос кон езерските ресурси како извор на живот и извор на инспирација. Овие колекции беа претставени и на Европскиот пловен маркет во Лидкопинг, Шведска.
Меѓу нив се наоѓаат керамички садови што ја бележат трагата на негативниот отпечаток врз езерото Балатон, сет од реупотребен текстил со наслов „Охридски сунѓер”, „Охридски беби пастрмки – Нова надеж”, сребрен накит со кожа од риба, објекти за домот изработени од микс на рециклирана хартија, алги и реси, парфем со мирис на езерото Ванерн, како и други иновативни дизајни со езерски ресурси и мотиви. Овие производи не се само функционални или декоративни предмети, туку и носители на една поширока мисија: да зборуваат за ранливоста на слатководните екосистеми, за нивната неизмерна вредност и за потребата да се замислуваат и создаваат иднини што ќе придонесат за нивната регенерација.
Под слоганот „Наштимај се на споро темпо”, од почетокот на март, производите од овие колекции се достапни преку е-продавницата LENTO – платформа што нуди алтернатива на брзото купување и поттикнува споро, внимателно и свесно избирање. LENTO ги вреднува продуктите што се убави, мајсторски подготвени, создадени тивко и наменети да траат.
Истовремено, колекциите, авторите и целото LAKESCAPE искуство сега се достапни и во новиот е-каталог, кој претставува дигитален простор за подетално запознавање со процесите, местата, инспирациите и вредностите што стојат зад проектот.

