Лев банер Десен банер

Општина Струга: Заматувањето на изворската вода последица на долгогодишни системски пропусти

Општина Струга ја информира јавноста дека појавата на заматување на изворската вода е резултат на долгогодишни системски пропусти и несоодветно управување во изворишните зони.

Според стручните анализи, изворите „Шум“ и Горна Белица се дел од чувствителен карстен хидрогеолошки систем, каде што секоја површинска интервенција директно влијае врз квалитетот на подземните води. Овој тип систем е особено ранлив, бидејќи водата низ карстните структури циркулира брзо и без природна филтрација, што овозможува лесно навлегување на загадувачки материи.

Како дополнителен ризик се посочува присуството на неконтролирани ископи и диви депонии со комунален и градежен отпад во сливните подрачја. Ваквите појави сериозно го загрозуваат квалитетот на водата, особено при интензивни врнежи, кога се регистрира зголемена матност – јасен индикатор дека површинските материи продираат во подземниот систем.

Од Општината најавуваат конкретни мерки за надминување на состојбата, меѓу кои:

  • Итно разгледување и ревизија на состојбата во изворишните зони

  • Воспоставување и зајакнување на санитарните заштитни зони

  • Отстранување на диви депонии во сливните подрачја

  • Обезбедување законски предуслови за уредно управување со водните ресурси

  • Ангажирање независна стручна експертиза и воспоставување континуиран мониторинг

„Водата е стратешки ресурс и основно право на секој граѓанин. Заштитата на изворите претставува приоритет од највисок јавен интерес“, потенцираат од локалната самоуправа.

Општина Струга останува посветена на транспарентност, институционална одговорност и заштита на здравјето на граѓаните, со најава дека јавноста ќе биде редовно информирана за сите понатамошни активности и резултати од преземените мерки.

StrugaOnline

error: