Сојузот на борци – Струга ја одбележа 82-годишнината од смртта на Кузман Јосифоски – Питу
Во организација на Сојузот на борци – Струга, денеска, 25 февруари 2026 година беше одбележана 82-годишнината од смртта на народниот херој Кузман Јосифоски – Питу, еден од главните организатори на Народноослободителната борба во Македонија и истакнат идеолог на македонското ослободително движење.
Голем број граѓани од Општина Струга, членови на Сојузот на борци, претставници на политички партии, здруженија и почитувачи на неговиот лик и дело, се поклонија пред бистата на херојот, оддавајќи почит на човекот кој животот го положи за создавање слободна и суверена македонска држава.
Питу бил и еден од организаторите за свикување на Првото заседание на АСНОМ, историскиот настан на кој беа поставени темелите на современата македонска државност. Поради неговата неуморна револуционерна и народноослободителна дејност, често е нарекуван „вториот Гоце Делчев“ во рамките на НОБ.
Во 1945 година, Јосифоски–Питу беше прогласен за Народен херој на Југославија, вбројувајќи се меѓу првите македонски борци кои го добиле ова високо одликување, заедно со Стив Наумов, Орце Николов, Страшо Пинџур, Мирче Ацев и Христијан Тодороски – Карпош. Нивната пожртвуваност беше темел врз кој се изгради современата македонска држава.
Одбележувањето се одржа пред бистата на херојот, поставена пред куќата на Владо Малески, како и пред спомен-плочата на улицата „Браќа Миладиновци“, каде што е забележано дека на 23 септември 1941 година, во оваа куќа, во присуство на членовите на Покраинскиот комитет на КПЈ за Македонија, Кузман Јосифоски – Питу го одржал конститутивниот состанок на Месниот комитет на КПЈ за Струга и Струшко.
Делегацијата ја предводеше претседателот на Сојузот на борци – Струга, Ајред Мемети, кој заедно со присутните положи цвеќе и се поклони пред бистата на деецот и револуционерот.
Како и секоја година, во одбележувањето активно се вклучи и Здружението на пензионери – Струга, со што уште еднаш беше потврдена добрата соработка меѓу Сојузот на борците, пензионерското здружение и локалната самоуправа.
Со ваквите традиционални одбележувања, Струга продолжува да го чува споменот на своите херои, пренесувајќи го аманетот за слобода, државност и достоинство на идните генерации.
Текст и фото: СТОЈАН КУКУНЕШОСКИ
StrugaOnline

