СВП го објави конкурсот за Меѓународната поетска награда „Мостови на Струга“

- Локални
260

Фестивалот „Струшки вечери на поезијата“ (СВП), во соработка со УНЕСКО, го објави конкурсот за меѓународната поетска награда „Мостови на Струга“ 2023 за најдобра дебитантска книга од млад автор.

Наградата „Мостови на Струга“ беше востановена во 2003 година, како дел од опсежната соработка со УНЕСКО, а по повод прославата на Светскиот ден на поезијата – 21-ви март, со цел да се стимулира, промовира и афирмира поетското творештво како еден од најзначајните креативни изрази на човештвото. Секоја година, СВП и УНЕСКО заеднички го чествуваат овој ден, при што официјално се соопштуваат и промовираат добитниците на наградите „Златен венец“ и „Мостови на Струга“.

Услови за учество на конкурсот за наградата се дебитантски книги на млади поети под 35 години и дебитантските книги да се издадени во претходните две години, 2021 и 2022 година.

– Кандидатите треба да испратат 3 копии од книгата со која конкурираат на конкурсот, како и најмалку 7 песни од истата книга преведени на англиски јазик на поштенската адреса на Струшки вечери на поезијата (поштенски фах 111, 6330 Струга, Република Македонија) или преку Националните комисии за УНЕСКО на државите членки. Крајниот рок за пристигнување на книгите на адресата на СВП е 21 февруари 2023. Освен 3 копии од книгата (во печатена и во електронска форма), англиски преводи на 7 песни од истата книга, кандидатите треба да испратат и кратка биографија на англиски јазик. Апликацијата треба да се поднесе и во електронска верзија на адресата на СВП: [email protected] (заради дополнителна сигурност, потребните документи треба да се пратат и на [email protected]) Исто така, кандидатите треба да го испратат ISBN бројот заедно со потребните материјали.
Националните комисии за УНЕСКО се поканети да ги примат апликациите и за тоа да ги информираат Струшките вечери на поезијата. Наградата вклучува статуетка, паричен износ и објавување на книга на поетот –лауреат во превод на македонски јазик. Лауреатот ќе биде објавен на Светскиот ден на поезијата, 21 март 2023, информираат од СВП.

Поетот–лауреат ќе биде поканет да учествува на изданието на „Струшките вечери на поезијата“ во Струга, кон крајот на август годинава, каде и ќе му биде врачена наградата на манифестацијата „Мостови“.

Facebook Коментари