Лев банер Десен банер

Струшкото Студио за танц „Бах“ блесна на концертот на Лозано во арената „Борис Трајковски“

Спектакуларниот концерт на Влатко Лозаноски – Лозано, кој се одржа во преполната Арена Борис Трајковски, донесе многу емоции, музика и силни моменти, но и гордост за Струга. Посебен печат на вечерта оставија девојките од струшкото Студио за танц „Бах“, кои со својата енергија и професионалност ја разубавија сцената.

Лозано повторно успеа да ја наполни арената и околу два часа ја држеше публиката на нозе со своите најголеми хитови. Концертот започна со „Мандарина“, а потоа следуваа „Кога мене ќе ме немаш“, „Јако јако“, „Километри“ и многу други песни кои публиката ги пееше во еден глас.

Еден од најемотивните моменти беше кога пејачот побара минута аплауз наместо минута молк за неговите пријатели Андреј и Панчо од групата ДНК. Во тој момент арената се исполни со силен аплауз и емоции, а Лозано видно трогнат ја продолжи вечерта со своите песни.

Посебен момент беше и кога ја исполни песната „Мајко“, која ѝ ја посвети на својата мајка присутна во публиката. Пејачот дури и заплака, што дополнително ја трогна публиката.

Кога ја запеа „Жена ко ти“, Лозано им го честиташе 8 Март на сите жени во салата и почна да дели црвени рози на дамите во првите редови.

Во целиот спектакл значајна улога имаа и стружанките од Студио за танц „Бах“, кои во свој препознатлив стил изведоа дури 10 различни кореографии, секоја со своја приказна и сценска енергија. Нивните настапи донесоа дополнителна динамика и визуелен ефект на сцената, а публиката ги награди со силен аплауз.

Зад успехот стои нивната кореографка, која со години неуморно работи и е препознатлива во светот на танцот и уметноста, градејќи го струшкиот бренд Студио за танц „Бах“.

Концертот на Лозано остана запаметен како вечер исполнета со емоции, музика и гордост – вечер во која и струшките танчерки достојно ја претставија Струга на големата сцена.

StrugaOnline

error: