РШ „Динг“ Струга со нова победа – славеа против РК Струга
Пионерите на Ракометната школа „Динг“ ја забележаа и втората победа по паузата, откако на домашен терен славеа против екипата на РК Струга со резултат 15:11.
Младиот состав на РШ „Динг“ прикажа дисциплинирана и борбена игра, а клучна улога во победата имаше цврстата одбрана која ја заврши потешката работа на теренот. Тимот постепено ја градеше предноста, а сигурноста на голот што ја донесе голманот Трпоски овозможи неколку лесни голови од контранапад.
Во второто полувреме капитенот Ојлески ја презеде одговорноста во нападот и со мирна и сигурна игра помогна екипата да го задржи водството до самиот крај и да освои нови бодови.
Тренерот Дејан Коцар по натпреварот изрази задоволство од прикажаната игра и напредокот на екипата.
„Одигравме одличен натпревар како тим. Одбраната ја заврши потешката работа, а со сигурниот настап на голманот Трпоски дојдовме и до неколку лесни голови. Во второто полувреме капитенот Ојлески ја презеде одговорноста и го донесе мирниот финиш. Формата ни е во нагорна линија, а во системот се вклучуваат и неколку помлади пионери. Се работи сериозно и мотивирано“, изјави за strugaonline Коцар.
Тој додаде дека тимот веќе е фокусиран на следниот предизвик.
„Сега ни следи уште еден тежок натпревар во Скопје против РК Вардар, каде ќе се обидеме да продолжиме со добрите настапи“, истакна тренерот на „Динг“.
StrugaOnline

