Пионерките на ЖРК Струга со убедлива победа во Штип
Во рамките на 13. коло од Пионерската женска лига, ракометарките на ЖРК Струга остварија значајна победа на гостувањето кај ЖРК Астибо со резултат 23:16. Натпреварот се одигра во спортската сала „Тошо Арсов“ во Штип, каде стружанките прикажаа сигурна игра и цврста одбрана.
Екипата од Струга уште во првото полувреме ја презеде контролата врз играта и на паузата замина со предност од 10:7. Во вториот дел ракометарките на Струга продолжија во ист ритам, постепено ја зголемуваа разликата и на крајот заслужено стигнаа до убедлива победа од 23:16.
Најефикасна во редовите на струшкиот состав беше Калина Симоновска со 7 постигнати голови. По неа следуваа Ѓонеска и Ашталкоска Маја со по 4 погодоци. Кај домашниот тим на Астибо се истакнаа Неделкова Мелани и Донева Сандра со по 5 голови.
Со сигурна игра во одбраната и добра реализација во нападот, младите ракометарки на Струга демонстрираа апсолутна доминација на гостински терен и направија важен чекор во борбата за висок пласман на табелата.
Зад добрата игра стои и работата на тренерскиот тандем Владимир Паноски и Теодора Гулицоска, кои успешно ги уигруваат младите ракометарки и ја водат екипата кон нови успеси во пионерската лига.
StrugaOnline

