Лев банер Десен банер

СВР Охрид предупредува: Лажни СМС пораки за наводни сообраќајни казни – граѓаните да не отвораат линкови

Во СВР Охрид во изминатиот период пристигнуваат пријави од граѓани кои добиле СМС пораки на нивните мобилни телефони, во кои наводно се наведува дека се испратени од Одделението за моторни возила при МВР.

Во пораките се тврди дека нивното патничко моторно возило било евидентирано за сообраќаен прекршок во рамки на системот „Безбеден град“, при што се наведува електронска адреса на која наводно можело да се проверат деталите за прекршокот. Воедно, во пораките се посочува дека доколку казната се плати во рок од осум дена, истата ќе биде намалена за 50 проценти.

Стефан Димоски од СВР Охрид информира дека станува збор за лажни пораки и класичен обид за измама со цел противправно стекнување парични средства.

Полицијата апелира до граѓаните да бидат внимателни, да не ги отвораат линковите содржани во ваквите пораки, да не го контактираат испраќачот, да не споделуваат лични податоци и да не вршат никакви уплати.

Доколку граѓаните добијат вакви пораки, се препорачува истите да ги игнорираат и да ги пријават во најблиската полициска станица.

Извор: СВР Охрид, фото: архива

StrugaOnline

error: