Дејан Анѓелковиќ: Рок музиката во денешно време функционира по принципот „Ретките наоѓаат ретки“

- Интервју, Музика
1046

Во денешното издание на емисијата Play cafe што се емитува на Play radio , во моментите посветени на музиката наш гостин беше Дејан Анѓелковиќ, тапанар во рок бендот „Крамер“ од Ниш, Србија. Во текот на емисјата зборувавме за квалитетната музика и долгата традиција на бендот и искуствата со публиката во регионов.

Play radio: За сите оние кои не знаат , колку време постои бендот „Крамер“ и каде се’ настапувате?

Дејан Анѓелковиќ: Оваа година славиме триесет години постоење, по тој повод пред Нова година планираме голем концерт во Ниш. Пред триесет години се случи отворањето на нишкиот кеј и сосема случајно се случи да не’ поканат токму нас и тоа е прв концерт кој го направивме под името „Крамер“ , пред тоа групата се викаше „Турбо“ и не беше многу забележана. Тој датум всушност (кога настапивме на отварањето на мостот во Ниш) ни е како датум на основање на бендот. Нашата кариера имаше дисконтинуитет, имавме доста прекини, на пример во периодот на инфлација во Србија бендот не работеше, но сите членови сe во музиката и сите настапуваме.

Play radio: Со оглед на тоа дека додека престојувате периодов во Струга, настапувате соло по клубови во Струга и во Охрид, ајде да направиме компарација помеѓу публиката овде и публиката во Србија. Која е разликата во атмосферата?

Дејан Анѓелковиќ: Сите знаеме во кој правец отиде музиката во денешно време, има многу нови имиња со различни стилови на музика, јас свирам стар рок, во мојот репертоар се и „Парни Ваљак“ и „Бјело дугме“ , „Кербер“, „Галија“ „Леб и сол“ , исто така многу сакам да пеам песни од Тоше Проески, а со оглед на тоа дека сум тенор, кога малку ќе ги симнам во тоналитет можам да ги пеам. Мислам дека нема многу голема разлика помеѓу публиката во Македонија и Србија. Тие што ја сакаат и препознаваат добрата музика, едноставно ја сакаат и умеат да препознааат. Искуството од Струга ми е одлично, викендов имав настап и беше полно, имаше многу публика.

Play radio: Во ова модерно време кога има толку многу нови имиња и стилови на музика, може ли да се каже дека има доволен број на луѓе кои се почитувачи на стариот, вистниски рок? Сметате ли дека имате моќ да ја едуцирате младината на Балканот во музичка смисла?

Дејан Анѓелковиќ: Има публика која почитува рок музика во вистинска смисла на зборот, но, не се во доволен број. Знаете, има една позната реченица која вели „Ретките наоѓаат ретки“ . На пример свирев во Софија, Бугарија, таму навистина има бројна публика која сака и почитува стар, добар хард рок. Истото можам да го кажам и за Македонија, во Скопје свиеревме во еден рок-клуб и беше полно. За музичката едукација, мислам дека да, имаме влијание. На нашите свирки гледам дека има и помлади деца, на пример нивните родители дома слушаат хард-рок или свиреле во некој бенд, па тие деца од мали дома слушале квалитетна музика. Јас на пример, на мојата ќерка и објаснувам дека да се биде модерен не значи да се биде во „маса“. Мојот став во животот е „не оди таму каде што се сите.“

Play radio: Да се вратиме на Вашето функционирање во склоп на „Крамер“, кои се идните планови и активности?

Дејан Анѓелковиќ: До денес, „Крамер“ има издадено два албуми, првиот се вика „У мојим мислима“ и е издаден во 1994 година, вториот албум, со кој најавивме кам-бек  е издаден во 2017-та година , но нема доволно публика, за жал во денешно време само модерните нови стилови на музика полнат сали. Рок концертите се на мали простори, гледам и во Струга, дискотеките се полни, а кога свири некој бенд тогаш имате триесет до педесет луѓе кои ја сакаат таа музика. Дали музиката ќе ни биде професија зависи од економската исплатливост, затоа сите ние работиме друго, а музиката ни е убаво хоби.

Извор: Play radio

Strugaonline

 

 

 

 

 

Facebook Коментари