Девран Куртис од клубот „3 Дисциплини“ Струга меѓу најдобрите спортисти на Општина Охрид за 2025 година
Во свечена и достоинствена атмосфера, во големата сала на Општина Охрид се одржа традиционалната манифестација „Најдобрите од спортот во Општина Охрид за 2025 год.“, на која беа оддадени признанија на најуспешните спортисти, тренери и спортски работници кои ја одбележаа изминатата година со своите резултати и посветеност.
Меѓу наградените беше и младата и талентирана пливачка Девран Куртис од Пливачкиот триатлон клуб „3 дисциплини“ од Струга, која беше одликувана со плакета за успеси во категоријата „Спортист кој настапува во клуб надвор од територијата на Општина Охрид“ за 2025 година.
Ова признание претставува потврда за нејзиниот труд, дисциплина и континуирани спортски достигнувања, со кои достојно го претставува регионот на домашни и меѓународни натпреварувања. Девран Куртис со својата посветеност и резултати е пример за младите спортисти и мотив повеќе за развој на спортот.
Организаторите истакнаа дека манифестацијата има за цел да го поттикне спортскиот дух, да ги награди најдобрите и да ја афирмира важноста на спортот во заедницата.
Честитки за Девран Куртис за заслуженото признание, со желби за уште поголеми успеси, нови рекорди и освоени медали во иднина.
StrugaOnline

