Овој викенд Македонија ќе биде домаќин на најдобрите европски џудисти во јуниорска конкуренција

- Спорт
239

Македонија одбројува до почетокот на првиот Европски џудо куп кој било кога се оддржал во нашата земја. На помалку од една седмица до официјалниот старт на натпреварите од Европскиот џудо куп за јуниори и јуниорки – Скопје 2023 завршени се сите технички подготовки и со нетрпение се очекуваат пристигнувањата на натпреварувачите и делегациите.

„По неколку месечна напорна работа, конечно сме подготвени за почетокот на Европскиот џудо куп за јуниори и јуниорки, настан кој дефинитивно ја враќа Македонија на европската џудо мапа. Балканското првенство кое во јуни се оддржа во Крушево беше тест за нашите можности, кои ќе ги верификуваме и на овој голем за македонски услови спортски настан. Очекуваме повеќе од 200 џудисти од цела Европа кои на македонската публика, но и на вљубениците во џудото од целиот регион ќе им понудат одлични борби. Особено не радува фактот што помеѓу овие 200 натпреварувачи имаме 12 наши репрезентативци кои ќе ги бранат боите на нашата земја“ – ни изјави Владимир Трпаноски, претседател на џудо федерацијата.

Согласно предвиденото, официјалните мерења и ждреб се предвидени за во петок, 11 август, а прелиминарните борби започнуваат во сабота во 10 часот. Свеченото отворање е предвидено за во 17 часот истиот ден, а по неговото затворање ќе следи финалниот блок кој ќе ги даде имињата на првите шампиони. Борбите продолжуваат и во недела повторно со почеток од 10 часот, а сите натпревари ќе се оддржат во спортската сала „Јане Сандански“.

„Во интерес на промоција и популаризација на џудо спортот влезот за сите натпревари кои викендов ќе се оддржат во спортската сала „Јане Сандански“ ќе биде бесплатен. Од мое лично име, но и од името на целата федерација сакам да упатам јавна покана до сите вљубеници во џудото, но и во спортот воопшто да ни се придружат на трибините во големата сала на „Јане Сандански“ и да уживаат во дводневениот џудо спектакл кој ќе ни го понудат најдобрите европски јуниори и јуниорки“ – заврши Трпаноски.

Најдобрите европски џудисти во јуниорска конкуренција ќе останат во главниот град на Македонија и во првите два денови од следната недела, за кога е закажан европскиот џудо камп за јуниори и јуниорки.

Strugaonline

Facebook Коментари