Лев банер Десен банер

Сениорките на ЖКК Струга 2009 во финале – тренерот Владимир Ѓоровиќ: „Ова е голем успех за нашиот млад тим“

Сениорскиот тим на ЖКК Струга 2009 избори пласман во финалето по победата на гостувањето кај Гостивар со убедливи 44:69, со што ја заврши полуфиналната серија со 2:0.

Стружанките одиграа сигурен натпревар и постепено ја зголемуваа предноста. По првата четвртина водеа со 5:13, а во третата направија клучна разлика (10:26) со што практично го решија победникот.

Најефикасна во редовите на ЖКК Струга 2009 беше Зиба со 27 поени, додека Миладиноска постигна 12. Муртезаи и Даути додадоа по 8 поени, Хиса и Дукоска по 4, а Незири, Таранеши и Кавај по 2 поени.

Во финалето, струшкиот тим ќе се соочи со екипата на Гевгелија, која во полуфиналето со 2:0 во серијата беше подобра од Тим Арена од Штип.

Тренерот Владимир Ѓоровиќ по натпреварот истакна дека е горд на своите кошаркарки и нивниот успех.

„Пред сè сакам да им честитам на моите кошаркарки за заслужената победа и пласманот во финалето. Тоа е голем успех за нашиот млад тим. Во финалето влегуваме растеретени и улогата на фаворит им ја препуштаме на Гевгелија. Токму поради тоа трпеливо ќе ја чекаме нашата шанса. Во едно сум сигурен – девојките ќе го дадат својот максимум“, изјави за strugaonline Ѓоровиќ.

Покрај успехот кај сениорките, добри резултати остварија и помладите категории на клубот. Помалите пионерки убедливо го совладаа Колибри со 58:23. Најефикасни беа Ајдиноска со 21 поен и Кајмакоска со 18, додека Дукоска постигна 8, Матеска 7, а Наумоска и Чакареска по 2 поени.

Победа забележа и пионерската екипа на ЖКК Струга 2009 на гостувањето кај Кичево, со резултат 28:38. Најефикасна беше Узуновска А. со 10 поени, пред Узуновска Т. со 8 и Тасеска со 6 поени.

Со ваквите резултати, ЖКК Струга 2009 продолжува со успешните настапи во повеќе возрасни категории, а главното внимание сега е насочено кон претстојното финале кај сениорките.

StrugaOnline

error: