Вардар победи во СЕХА дербито со ППД Загреб

- Спорт
539

Вардар направи голем чекор за да заврши како прв во регуларниот дел од сезоната во СЕХА Газпром лигата со триумф 28-26 (13-12) против ППД Загреб во дербито во Скопје. Двата тима одамна се квалификуваа за Ф4 турнирот, но не е сигурно кое место ќе бидат на крајот од што ќе зависат и полуфиналните двојки.

Со 39 бода Вардар останува лидер на табелата три натпревари пред крајот на регуларната сезона, и сега има три повеќе од ППД Загреб и Нексе. „Црвено-црните” му се реваншираа на хрватскиот првак за поразот во првиот дел од сезоната, а истовремено продолжи традицијата на триумфи на Вардар на домашен терен против ППД Загреб.

Натпреварот беше полн со подеми и падови кај двата тима и со многу резултатски промени во текот на играта. И двата тима имаа свои минути и водство. Вардар играше без Вуко Борозан, Даниел Шишкарев и Сташ Скубе, и тренерот Роберто Парондо одлучи тројцата да добијат повеќе време за да се одморат за следниот важен натпревар во Лигата на шампионите на ЕХФ против Монпелје.

ППД Загреб го отвори натпреварот со 5-1 што беше знак за „црвено-црните” дека е време за тајм аут. И тој донесе резултат бидејќи потоа полека се топеше разликата, а Вардар направи пресврт и заврши со водство од 13-12 на полувреме.

Истата приказна беше во второто полувреме. ППД Загреб исто така имаше водство со два гола, но Вардар повторно одигра одлично во одбраната и во клучни моменти постигна победа.

Голманите од двете екипи одиграа добро во дербито. Калифа Гедбан од Вардар го имаше веројатно најдоброто полувреме во СЕХА Гаспром лигата со девет одбрани (десет вкупно на крајот од средбата), што му овозможи на домашниот тим да направи голем пресврт и Вардар да го преземе водството во првото полувреме.

Одлична партија прикажа и Кристијан Дисингер кој постигна седум гола за Вардар, и во самата завршница изнуди фаул во напад од гостинските играчи недозволувајќи да има израмнување.

Во следното коло Вардар ќе биде домаќин на Мешков Брест на 5 март во Скопје во уште едно дерби на СЕХА Гаспром.

Вардар – ППД Загреб 28-26 (13-12)

ВАРДАР: Гедбан (9 одбрани и 1 седмерец), Милосављев (3 одбрани.), Стоилов 2, Кукуловски, Недановски 1, Поповски, Криштопанс 4, Мораеш 1, Дисингер 7, Карачиќ 4, Чупиќ 3, Дибиров 2, Војводиќ, Кисељев 4, Атанасовски.

ППД ЗАГРЕБ: Ристановиќ, Кастелиц, Вистороп, Мраковчиќ 3, Божиќ Павлетиќ 6, Контрец, Буриќ 5, Сршен 8, Хорват 2, Поточник, Равниќ, Мандиќ 1, Хрстиќ 1, Потиќ, Бичаниќ, Векиќ.

Извор и фото: РК Вардар

 

Facebook Коментари