Документарниот филм „К15: Од другата страна“ на 25 март премиерно на репертоарот во НУЦК „Григор Прличев“ – Охрид
Во среда, на 25 март 2026 година, со почеток од 20:00 часот, во НУЦК „Григор Прличев“ ќе биде прикажан документарниот филм „К15: Од другата страна“, кој веќе предизвикува голем интерес кај публиката.
Станува збор за авторско дело на режисерот и сценарист Ико Каров, кој низ 100 минути успева да ја долови интимната, човечка и помалку позната страна на еден од најголемите хумористични феномени во Македонија – К-15.
Автентичноста на филмот е дополнително нагласена преку личната поврзаност на авторот со проектот, имајќи предвид дека Ико Каров е син на Бубо Каров, еден од главните носители на „К-15“ и „Дуо Трио“. Благодарение на тоа, гледачите ќе имаат можност да ѕирнат „од другата страна“ на приказната, преку перспектива која ретко се споделува со јавноста.
Филмот е збогатен со искрени сведоштва, ретки архивски материјали и приказни од луѓе кои директно или индиректно биле дел од оваа значајна ера во македонската поп-култура.
Цената на билетот изнесува 200 денари, а продажбата веќе е започната на билетарата при Центарот за култура. Билетарата работи секој работен ден од 10:00 до 17:00 часот, како и од 13:00 до 20:00 часот на денот на проекцијата.
StrugaOnline

