Ќура на работен ручек со амбасадори: Фокус на интегритетот и транспарентноста во локалната власт
Градоначалникот на Општина Струга, Менди Ќура, учествуваше на работен ручек организиран од амбасадорите на Швајцарија и Шведска, во рамки на проектот „Заедници со интегритет“, кој е поддржан од владите на двете земји, а го имплементира Националниот демократски институт (НДИ).
На средбата присуствуваа и градоначалници од повеќе општини вклучени во проектот, како и претставници на НДИ, при што се отворија значајни дискусии за унапредување на интегритетот, транспарентноста и доброто управување на локално ниво.
Во своето обраќање, градоначалникот Ќура ја нагласи посветеноста на Општина Струга кон градење одговорна и ефикасна локална самоуправа. Тој истакна дека ваквите иницијативи и партнерства се од особена важност за зајакнување на институционалните капацитети, но и за градење поголема доверба кај граѓаните.
„Проектите кои го поттикнуваат интегритетот и транспарентноста се клучни за создавање модерни и отворени општини, кои работат во интерес на граѓаните“, потенцираше Ќура.
Од Општина Струга информираат дека и во иднина ќе продолжат активно да учествуваат во вакви иницијативи, со цел унапредување на доброто управување и подобрување на квалитетот на услугите што им се нудат на граѓаните.
StrugaOnline

