Крис Блажески: Туристите за Нова година се враќаат во Струга и Охрид – имаме задоволна клиентела

- Интервју, Локални
2067

Струга и Охрид освен во летниот период, се атрактивни дестинации и за Новогодишните и Божиќните празници, посебно за туристи од соседните земји кои традиционално доаѓаат овде да ја дочекаат Новата година. Околу состојбата со сместувачките капаците и интересот на луѓето Новата година да ја дочекаат во хотел, без разлика дали се од Македонија или од странство зборувавме со Крис Блажески, директор на хотел „Дрим“ и директор на Здружението на хотелиери на Македонија.

Play radio: Со голед на тоа дека освен што сте директор на хотел „Дрим“ Струга, истата функција ја имате и во Здружението на хотелиери, имате јасна слика за новогодишната понуда. Каква е новогодишната понуда на хотелите во регионот и колку во Струга и во Македонија остана традицијата Нова година да се слави во хотел?

Kрис Блажески: Најпрво да кажам дека новогодишните празници 2017/2018 година, вклучувајќи го и Католичкиот Божиќ донесоа исполнетост на хотелите од околу 70%. Што се однесува до новогодишната ноќ, хотелите кои организираат дочек ќе бидат доволно исполнети, односно со над 90%, од нивните капацитети, а точната бројка ќе ја знаеме после празниците. Најголем број гости ни доаѓаат од соседна Бугарија, потоа ќе има гости од Грција, Албанија, мал број од Косово, а гости во овој регион за Нова година ќе има и од Србија. Последниве седум-осум години традиционално имаме гости и од Црна Гора, не се во многу голем број но може да се каже дека ги има, на тој план може да се работи за да доаѓаат што повеќе.

Play radio: Каква е понудата на хотел „Дрим“ за дочекот на Новата 2018-та година?

Kрис Блажески: Има понуди и со две и со три ноќевања, исто така нудиме бродска тура , после дочекот на први јануари го имаме и познатиот „Ручек со лебедите“ кој започнува околу 12:00 часот. Ручекот вклучува традиционални македонски јадења, скара, чорби, вина итн. Ова е традиционален ручек, и гостите кои претходно биле кај нас кога доаѓаат повторно секогаш прашуваат дали повторно ќе има „Ручек со лебедите“.  Хотелите во Охрид и Струга имаат понуди според можностите, треба уште да се работи, да се направи детален урбанистички план и да се види кои се тие додатни работи што можат да се изградат во склоп на хотелите и на тој начин да се привлечат повеќе гости.

Play radio: Кога станува збор за цените на новогодишните аранжмани, можно ли е да се достигне обострано задоволство и на хотелиерите, но и на клиентите?

Крис Блажески: Тоа мора да се постигне. Производот треба да се направи според економската ситуација на земјите околу нас и да процениме што и колку може да се продаде. Општо гледано, цените за дочекот на Нова година во Македонија се слични со цените на другите земји од регионот. Ако споредуваме, со оглед на тоа дека е малку поразвиена,  Црна Гора има малку повисоки цени. Инаку, за хотели со четири и пет sвезди дури може да се каже дека сме поевтини од соседните држави. Најважно е дека гостинот е секогаш во право и мора да биде задоволен.

Play radio: Со какви искуства и спомени си заминуваат туристите, што најмногу им остава впечаток од  Струга и од Охрид?

Крис Блажески: Традиционално туристите детално ги разгледуваат двата града. Прошетки покрај Охридското езеро како и тури со брод во водите на езерото, стариот град на Охрид, купуваат сувенири но и македонски вина и ајвар. Зимскиот период не дозволува многу движење, но некои од туристите прават прошетка до манастирот  Св. Јован Бигорски. Тие што остануваат повеќе денови најчесто прават прошетка до Св. Наум. Многу добар показател е тоа дека луѓе кои на пример, дошле во Струга и Охрид пред три години, сега доаѓаат повторно. Тој факт покажува дека гостите се задоволни од тоа што им било понудено претходниот пат, па затоа доаѓаат повторно. Општо земено, имаме задоволна клиентела, Охридско-струшкиот регион е интересен за посета. Најверојатно и времето ќе биде убаво оваа година, само да нема дожд, друго се е прифатливо.

Play radio: Може ли да се донесе оптимистички заклучок дека интересот на туристите е голем и дека не е изгубен сјајот на прославување на Нова Година? Го има ли истиот елан како порано?

Крис Блажески: Интересот е голем, но сјајот е малку изгубен овде кај нас. Порано се случуваше да се бара место повеќе. Треба да се спомене дека дочекот во хотел со четири или пет sвезди и дочекот на кое било друго место не може да биде еднаков. Многу ресторани организираат дочек на Нова година и тоа во ред, но не може да биде исто. Исто така не треба да заборавиме дека доколку одиме некаде во странство, ќе треба да платиме голема сума за да доживееме еден таков дочек, а овде бидејќи сме локални и не плаќаме ноќевање самиот дочек нема да чини многу скапо. Убава е и самата атмосфера, со повеќе странци околу нас, односно со луѓе од нашите соседни земји би било многу поинтересно.

Play radio/Strugaonline

Фото: архива

 

 

 

 

Facebook Коментари