Лев банер Десен банер

Музејот „Д-р Никола Незлобински“ од Струга започнува проект за колекционирање фауна од дното на Охридското Езеро

НУ Музеј „Д-р Никола Незлобински“ – Струга годинава започнува реализација на проектот „Колекционирање на видови од фауна на дното од Охридското Езеро со цел заштита на движното културно наследство“. Проектот е дел од годишната програма на установата и ќе го реализира биолошкото одделение при музејот во соработка со стручен тим од ЈНУ Хидробиолошки завод – Охрид.

Од музејот информираат дека целта на проектот е да се колекционираат различни видови организми кои живеат на дното на езерото, со што ќе се збогати природонаучната музејска збирка и ќе се придонесе кон подобро зачувување и презентирање на биолошкото богатство на Охридското Езеро.

„Охридското Езеро претставува релативно голем, длабок и потенцијално многу стар воден екосистем, кој се одликува со исклучителен биодиверзитет и голем број ендемични и реликтни видови. Посебно значајна е фауната на дното, која опфаќа организми што живеат на дното на водните екосистеми или таму минуваат дел од својот животен циклус и претставуваат важна алка во синџирите на исхрана“, велат од музејот.

Во оваа група спаѓаат полжави стари и до 30 милиони години, ендемични видови сплескани црви, пијавици, ракчиња, школки и други организми, кои имаат големо значење за разбирањето на еволуцијата на езерото и живиот свет во него.

Проектот ќе се реализира во неколку фази. Првата фаза предвидува теренски активности за колекционирање примероци од различни локалитети на Охридското Езеро, кои ќе започнат во месец мај.

Во втората фаза ќе се врши лабораториска анализа и обработка на собраните примероци во лабораторијата на Одделението за фауна на дно при Хидробиолошкиот завод во Охрид.

„По обработката и детерминацијата на примероците, дел од материјалот ќе биде изложен во Природонаучната поставка на музејот, при што ќе бидат подготвени и стручни текстови за карактеристиките и значењето на видовите“, додаваат од установата.

Со реализацијата на проектот, Музејот „Д-р Никола Незлобински“ ќе ја збогати својата природонаучна збирка со материјал од значајна научна и едукативна вредност, кој ќе придонесе за подобро запознавање на јавноста со уникатниот жив свет на Охридското Езеро.

СтругаОнлине

error: