Нефрологија Струга осветлена во чест на Светскиот ден на бубрезите
По повод Светскиот ден на бубрезите, зградата на ЈЗУ Специјализирана болница за нефрологија – Струга беше симболично осветлена, испраќајќи силна порака за подигнување на свеста за здравјето на бубрезите и поддршка за сите пациенти кои се соочуваат со бубрежни заболувања.
Овој значаен ден има за цел да ја потсети јавноста на важноста од превенцијата и навременото откривање на болестите на бубрезите. Според глобалните податоци, повеќе од 850 милиони луѓе во светот живеат со некоја форма на бубрежно заболување. Она што ја прави оваа болест особено опасна е фактот што често се развива тивко и без јасни симптоми.
Токму затоа лекарите апелираат граѓаните редовно да прават здравствени контроли. Информирањето, превенцијата и раната дијагноза можат да спасат животи и значително да го подобрат квалитетот на животот на милиони луѓе.
Од ЈЗУ Специјализирана болница за нефрологија – Струга упатуваат порака до јавноста:
Не чекајте да се појават симптоми – направете контрола навреме.
Вашите бубрези работат за вас секој ден.
Грижете се за нив денес, за поздраво утре.
StrugaOnline

