Стружанецот Виктор Пауноски успешно го совлада бреветот „Cycling in Celeste“ од над 300 километри
Во саботата, на исклучително тежок велосипедски предизвик „Cycling in Celeste“ во форма на бревет од 300 километри, учество зедоа само 12 бајкери од цела Македонија. Меѓу нив беше и стружанецот Виктор Пауноски, член на здружението Рупикапра, кој уште еднаш ја потврди својата издржливост, дисциплина и спортски дух.
Бреветите не се класични трки на време, туку ултра-дистанци кои претставуваат вистински тест за физичка подготвеност, ментална сила, навигација и карактер. Наместо борба за пласман, учесниците се соочуваат сами со себе, со патот и со условите, со единствена цел – да ја завршат рутата.
Предизвикот се одвиваше на релација Скопје – Велес – Богомила – Прилеп – Кавадарци – Неготино – Велес – Скопје, со вкупна должина од 306 километри и над 3000 метри искачување. Дополнителен предизвик за сите учесници беше силниот ветер, кој значително ги отежна условите за возење.
Пауноски се истакна како пример за истрајност и посветеност, демонстрирајќи што значи да не се откажуваш дури и во најтешките моменти.
Од здружението Рупикапра изразија голема почит за сите учесници кои го прифатија овој тежок предизвик, а особено гордост за настапот на Виктор Пауноски, кој достојно го претстави својот град и клуб.
StrugaOnline

