Carl Cox, Charlotte de Witte, Nina Kraviz и Ofenbach ја предводат програмата на Life Stream настанот на EXIT!

- Забава
438

Лајф Стрим“ ја претставува ударната прва постава на глобални и регионални музички ѕвезди, импресивен список на изведувачи кои со своите ексклузивни настапи ќе го насочи вниманието на планетата кон проектот кој ЕГЗИТ го реализира во соработка со Светската програма за храна на Обединетите нации, најголемата хуманитарна организација на светот!

Од 3 до 6 септември на фамозната Денс Арена на Егзит Фестивал, која за прв и последен пат ќе биде поставена на ридот спроти својата оригинална локација, програмата ќе ја предводат водечките актери на светската електронска сцена. Во живо зад диџејскиот пулт пристигнуваат техно-кралицата Шарлот де Вит и резидентот на култниот „Бергхаин“ Бен Клок, а виртуелно преку специјалниот екран, арената ќе биде домаќин на славниот Карл Кокс, добитникот на „Греми“ и повеќекратен освојувач на титулите за најдобар светски диџеј, Пол Ван Дајк, како и една од најголемите диџејски ѕвезди на денешницата Нина Кравиц. Покрај нив на Петроварадинската тврдина лично пристигнуваат Диџеј Тенис, Сатори, суперпопуларните хитмејкери „Офенбах“, Бурак Јетер и Махмут Орхан, како и младата ѕвезда во стреловит подем Еце Екрен! Посебно место во програмата и на бината на Денс Арена зазема исклучителната постава на регионалните електронски велемајстори меѓу кои се Марко Настиќ, Илија Ѓоковиќ, „Лаг“, „Коес“, „Спејс Моушн“ и „Афтер Афер“ во специјален бек-ту-бек сет со Кристијан Молнар. „Лајф Стрим“ настанот во онлајн преносот преку официјалната интернет и фејсбук страница на „Егзит“ фестивал ќе може да го следат милиони луѓе ширум светот, на кои за време на програмата ќе им бидат претставени и бројни културни и туристички знаменитости на Нови Сад и Србија. „Лајф Стрим“ (Life Stream) во партнерство со Светската програма за храна на Обединетите нации во септември ќе влезе во својата нова фаза на делување. Проектот, кој е покренат минатата година и кој заедно со Зелената Р:Еволуција претставува најголемиот еколошки потфат на „Егзит“ до сега, со соработката со светската хуманитарна организација го проширува опсегот на своето делување, па покрај заштита на околината, го истакнува и проблемот за решавање на кризата со екстремен глад од кој страдаат милиони луѓе ширум светот. Со оглед на пандемијата и мерките за карантин, предвидувањата се дека ситуацијата ќе доведе дури 270 милиони луѓе во проблем со екстремен глад пред крајот на 2020 година, што е зголемување на 80 отсто во однос на претходната година, а последиците ќе бидат најсурови за оние кои се веќе ранливи. За време на настапите на изведувачите ќе се емитуваат видео материјали и пораки кои говорат за заштитата на околината и кризата со глад, а покрај музичкиот фестивал се подготвува и меѓународен панел на кој ќе се расправа за овие проблеми.

СВЕТСКАТА ПРОГРАМА ЗА ХРАНА
Светската програма за храна на Обединетите нации (The United Nations World Food Programme) е најголемата светска хуманитарна организација која спасува животи во вонредни ситуации, гради просперитет и ја поддржува одржливата иднина за луѓето кои се опоравуваат во подрачја погодени од немири, катастрофи и влијанија на климатските промени. Оваа организација само во 2019 година помогна на речиси 100 милиони луѓе во повеќе од 80 земји.

Светската програма за храна кога обезбедува и само помош со храна во заедниците погодени од климатските промени, веќе им помага на истите да станат поотпорни на екстремните временски услови.
Во светло на моментната ситуација, оваа програма на Обединетите нации упати итен апел за 4.9 милијарди американски долари, кои ќе овозможат да се пружи помош за храна на дури 138 милиони луѓе до крајот на годината. Ова воедно би била и најголемата акција во целокупната историја на организацијата.

ЕГЗИТ ФЕСТИВАЛ
ЕГЗИТ фестивалот е настанат во 2000 година во Универзитетскиот парк на Нови Сад како студентско движење во борбата за мир и слобода, како во Србија, така и на Балканот. Во изминатите 20 години тој израсна во еден од најеминентните музички фестивали на светот, донесувајќи во Нови Сад дури две титули за „Најдобар европски фестивал“ освоени за изданијата во 2013 и 2017 година.  Општествената одговорност остана и понатаму да биде еден од клучните аспекти на фестивалот и тоа преку работата на ЕГЗИТ фондацијата, чиј општествен активизам е фокусиран на областите за развој на младите и промоција на мирот, креативните индустрии, заштитата на животната средина и брендирањето на дестинации.

Facebook Коментари